Советот за безбедност на Косово ги активира војската и полицијата за обезбедување на објекти и служби

Советот за безбедност на Косово (СБК) рано утрово одржа вонредна седница, по синоќешната експлозија во која беше оштетен водоводниот канал Ибар-Лепенец, од каде со вода од Ујманското Езеро се снабдуваат повеќе градови во државата, како и Енергетската корпорација на Косово за ладење на нејзините термоелектрани.
Во соопштението објавено од Владата се наведува дека СБК одобрил дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста околу критичните објекти и услуги, како што се мостови, трафостаници, антени, езера, канали и слично, за што ќе бидат активирани на терен косовската полиција и Безбедносните сили на Косово.
Исто така, интензивирана е меѓуинституционалната и меѓународната соработка за да се спречат слични напади во иднина, се наведува во соопштението.
СБК вели дека криминалците кои го извршиле синоќешниот напад се под контрола на властите во Белград и за вакви дејствија се обучуваат во Србија.
Елементи на терористичките организации „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“ и главниот криминалец Милан Радоичиќ, диригирани од претседателот и Владата на Србија, планираат и се обучуваат во Србија за вакви професионални напади. Забележана е и сличност со агресивните руски напади врз енергетските капацитети во Украина во текот на оваа недела, кои оставија над милион украински домаќинства без струја токму во пресрет на зимата, се наведува во соопштението.
Косовскиот премиер Албин Курти побара од сите меѓународни фактори да го осудат овој напад, за кој вели дека нанел голема штета.
Нашата држава е решена и подготвена да ги заштити своите граѓани и критичната инфраструктура. Нема да толерираме такви дела кои имаат за цел да го дестабилизираат Косово и да го загрозат мирот и демократското функционирање. Ситуацијата се става под контрола и е на пат да се врати во нормала. Бараме од сите меѓународни фактори да го осудат овој напад кој ни нанесе голема штета, се цитира Курти во соопштението по седницата на косовскиот Совет за безбедност.
Синоќа се случи експлозија во водоводната мрежа Ибар-Лепенец во селото Варага во Зубин-Потоку. Од полицијата велат дека се работи на негово расветлување, а Регионалното водостопанство „Митровица“ соопшти дека е прекинато снабдувањето со вода за пиење. Централните власти на Косово за нападот што го оценија како терористички ја сметаат за одговорна Србија.
Ново на Сител
-

Димитриевски: Со Бугарија ќе разговараме, но од македонскиот идентитет не отстапуваме
-

Русија одговори на заканите на Зеленски: Ќе напаѓаме уште посилно во Киев и другите градови
-

Зеленски: Украина е подготвена за технички преговори со САД и Русија
-

Татко и син убиени во лов во Норвешка, напаѓачот уапсен
-

Мерц го повика Путин да ја прекине „бесмислената војна“ против Украина
-

Клековски: Ќе се преиспитува скрининг-програмата за рак на дојка
-

Пожар во стан во Скопје, поради вдишување чад еден пожарникар бил пренесен во болница
-

Во текот на изминатото деноноќие приведени 12 возачи, деветмина управувале возило без положен возачки испит
