Скопје се гуши
Скопје повторно на листата најзагадени градови во светот. Изутрината на четврто, попладнето на шесто место на неславната листа.
Според официјалните податоци од мерните станици на Министерството за животна средина, и денеска се критични точките каде вообичаено најзагадено. Мерните станици се во „портокалово“ во Центар, но и во Лисиче.
Лисиче е најниската точка во Скопје, па тоа генерално влијае на аерозагадувањето. Но, тука е и стариот ОХИС, кој иако територијално припаѓа на општина Кисела Вода, со Лисиче го дели само една железничка пруга.
Граѓани од околината се жалат дека во кругот на поранешната фабрика ОХИС приватна компанија топи железо и отпад од железо, а воздухот во околината е тежок за дишење.
Ова се видеа кои ни ги доставија граѓаните од локалните куќи. Куќата на Раде Трпески е на само 30-тина метри воздушна линија. Вели, бучно е од изутрина до вечер. Од оџакот често летаат парчиња метал, а дворот не може да го користи често бидејќи постојано смрди.
- Ова е луѓе неверојатно. Ни ОХИС толку не загадува. ОХИС се затвори, ова се отвори. Кој ќе дојде кај нас на гости вели – како живеете тука?, вели Трпески.
Уште од летоска, кога и за првпат почнал погонот со работа, пријавувале во надлежните институции, но велат никој не презема ништо.
-Сме реагирале, не во Град Скопје, не во Животна средина, не во полиција, не во општина... и еве имаме дури и повратно од општина, можете да видите. Никој ништо не презема. Не знам што треба да се направи па за да се преземе нешто. Сепак, тука живее народ, не само ние овдека, воздухот се загадува и многу на пошироко.
Името на компанијата ни е познато. Се обидовме да добиеме одговор од Министерството за животна средина, дали таа има дозвола и каква, дали нивните инспектори изглегле на терен и што констатирале, но до подготовка на прилогот не добивме став.
Немајќи каде, се пожалиле во општина Кисела Вода, на чија територија припаѓа ОХИС. Градоначалникот вели, во детали е запознаен со проблемот, нивните инспектори излегле на терен, но немаат ингеренции да сторат ништо.
- По излегувањето и утврдувањето на состојбата од страна нашата инспекција испратени се дописи, уредно, првенствено на граѓаните, иако се од општина Аеродром им имаме одговорено. Информирани се за состојбите таму. Меѓутоа, информирани се и за тоа што го презела инспекцијата. Тоа е да, иако ние немаме надлежност, алармираме до Град Скопје. Имаме неколку дописи, мислам дека и изутринава последен пат излезе инспекцијата на терен. Имаме дописи испратено до Град Скопје, но и до Министерството за животна средина, каде бараме нивните инспектори кои се надлежни за оваа проблематика, да излезат на терен, вели Ѓорѓиевски.
Министерството за животна среднина минатата недела почна да го спроведува Акцискиот план за справување со загадениот воздух во Скопје, но еко-активистите предупредија дека тоа се само краткорочни мерки. Планот на надлежните е преку гасифицикација и набавка на електрични автобуси да го намалат загадувањето во главниот град.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар