Гасификација, електрични автобуси, делење на возило се опциите за справување со загадениот воздух во Скопје
Скопјани и денеска го дишат вториот најзагаден воздух во Европа. Минстерот за животна средина смета дека треба да се работи на причините зошто Скопје е речиси секоја година на врвот на листата на најзагадени градови во светот, а не на последиците.
Како прв фактор според министерот Меџити е дека домовите се греат на се и сешто, не по нивна вина туку не им бил овозможен друг начин од државата. Прв приоритет е да се врати гасификацијата, но државата ќе се справува со загадувањето и со нови електрични автобуси, но и нов начин на превоз “car sharing” што треба да помогне да се намали бројот на автомобили по улиците.
Car sharing опцијата која ја најавува министерот Меџити е популарна веќе долго време во Европа и функционира по принцип, каде повеќе луѓе патуваат заедно во едно возило, обично на иста или слична дестинација и ги делат трошоците за патувањето. Патниците резервираат место во возилото преку апликацијата. Најчесто, едно возило собира 3–4 патници плус возачот. Оваа опција е доста поевтина од такси. Но за оваа опција нема објаснување од министерството како ќе функционира и на кој начин системски би била регулирана.
Акцискиот план на министерството за животна средина кој го донесе минатата недела за справување со загадениот воздух во Скопје, според министерот Меџити веќе се спроведува, но еко активистите предупредија дека тоа се мерки кои би дале само краткотрајни резултати.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар