Македонија
19. November 2024 - 16:42

Шеќеринска избрана за Заменик генерална секретарка на НАТО

Радмила Шеќеринска станува втор човек на НАТО. Поранешната вицепремиерка и министерка за одбрана функција Заменик генерална секретарка на Алијансата ќе ја превземе до крајот на годинава.

Нејзиниот избор утрово во Брисел го потврди генералниот секретар Руте кој напиша: Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следна заменик-генерална секретарка. Таа е вистински верник во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучите на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа важна улога“.

Шеќеринска пак вели дека ќе и биде привилегија да служи како заменик генерален секретар на НАТО под раководство на Руте.

„Посветена сум на работата со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, напиша на платформата Х.

Со нејзиното назначување, Шеќеринска станува првата жена од Западен Балкан на висока позиција во НАТО, а за оваа функција таа беше во конкуренција со поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел и поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ. 

Како десна рака на Руте, примарна задача на Шеќеринска ќе биде да му помага и да го заменува генералниот секретар во негово отсуство, ќе претседава со голем број високи комитети, ад-хок и работни групи, а ќе претседава и со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.

Првите честитки пристигнаа од американската амбасадорка.

„Моите најтопли честитки до Радмила Шекеринска, следниот заменик генерален секретар на НАТО и на  Христијан Мицкоски и Владата на Северна Македонија за застапување на нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и на улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД“, напиша Агелер.

Низа честитки Шеќеринска доби и од своите сопартијци, а лидерот на СДСМ оцени дека ова е историски успех за Македонија. 

„Знам дека нејзината работа ќе биде инспирација за многумина, особено за младите кои треба да веруваат дека со многу труд и работа може да се постигне секој успех'', стои во честитката на Филипче.

Шеќеринска беше министерка за одбрана во 2020-та кога Македонија стана полноправна членка на НАТО, а од македонската политичка сцена се повлече една година подоцна по поразот на СДСМ на локалните избори. Во моментов таа е потпретседателка на Партијата на европските социјалисти.