Екс министерката Костадиновска заработи кривична пријава за Универзална
Екс министерката за култура се товари дека незаконски склучила договор за преземање и доградба на Универзална. МВР поднесе кривична пријава до ОЈО за Бисера Костадиновска Стојчевска за злоупотреба на службената положба и овластувања. Како министерка склучила незаконски договор за преземање на фирмата која Град Скопје ја ангажирале за реконструкција на објектот. Иако знаела дека истекол рокот за изведба на оваа фирма и треба да се распише нов тендер, таа на 19 февруари годинава одлучила на своја рака да го продолжи договорот и на истиот изведувач му исплатила повеќе од 27 милиони денари.
„И покрај тоа што Министерството (за култура) било задолжено да ги спроведе неопходните постапки за доделување на сите потребни договори за целосно и комплетно завршување на реконструкцијата на објектот, иако согласно одредбите на Законот за јавни набавки била должна да спроведе нова постапка за јавна набавка за избор на најповолен изведувач на работите за довршување на реконструкцијата на објектот, во име на Министерството за култура како наводен нарачател со правно лице од Скопје како изведувач, склучила Договор за преземање и отстапување на права и обврски од договор за јавна набавка на работи во вредност од 115 173 789 денари“, изјави Гоце Андреевски портпарол на МВР.
Екс министерката денеска не е достапна за коментар. Според МВР Костадиновска знаела дека претходниот договор помеѓу Град Скопје и фирмата истекол на 4 септември минатата година но таа сепак го надвладеала законот и го преземала истиот договор велат од МВР.
Кривични пријави за Костадиновска претходно најавуваше и новиот министер за култура Љутков. Во изјава за Сител вели дека очекува да се утврди одговорност, а во меѓувреме најави дека овие постапки нема да му пречат на министерството да бара законски начин реконтрукцијата на Универзална да продолжи.
Универзална сала во последните години е предмет на меѓуинституционални обвинувања и процесот на реконструкција тапка во место. Во април годинава изби силен пожар во куполата на објектот каде беа во тек градежни работи.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар