Македонија
28. October 2024 - 16:44

Од Скопје до Охрид ќе се патува за час и половина, интензивно се работи на Гостивар – Букојчани

Интензивно се работи на автопатската делница Гостивар – Букојчани. Премиерот Мицкоски кој направи увид во градежните активности, рече дека по две години празни муабети денеска конечно може да се види дел од планот кој го има Владата, а тоа е Македонија да биде држава домаќин на три крстосници.

Раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност. Од работата изминативе четири месеци како Влада и три месеци како раководство во ЈПДП, можеме да забележиме дека се направено двојно, тројно повеќе работи споредено со две години претходно“ – Христијан Мицкоски, премиер

Од Скопје до Охрид ќе се патува за најмногу час и половина, најави министерот за транспорт Николоски, посочувајќи дека со оваа делница практично ќе се реши најтешкиот дел од она што треба да е автопат Скопје-Кичево-Струга-Охрид.

Првпат по 50 години почнуваат реални работи за изградба на овој автопат којшто ќе значи дека помеѓу главниот град на нашата држава и Охрид и Струга ќе се патува за некаде час и двесет минути, час и половина. Целосно ќе го промени ова функционирање на економијата, но исто така ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст. Ова ќе значи голема поврзаност за сите“ – Александар Николоски, министер за транспорт

Директорот на Државни патишта вели дека експропријацијата на имотите низ кој треба да поминува автопатот е во тек и дека досега е завршена половината. Остануваат околу 2.400 предмети кои треба да финишираат до Нова Година.

На терен беше и американската амбасадорка Агелер. Според неа, она што се гледа на терен е уште еден доказ за одличното партнерство меѓу САД и Македонија.

Од „Бехтел и Енка“, пак, задоволни што најголем дел од подизведувачите се македонски компании.

Реагираа и партиите.

Кога беше во опозиција Христијан Мицкоски велеше дека Договорот со Бехтел и Енка е историски криминал. Дојде на власт, седна во премиерската фотелја и Мицкоски веднаш смени лента. Одеднаш се е различно, се е супер“ , велат од СДСМ.

Коридорот 8, иако го носи печатот на ДУИ, е на сите граѓани и апелираме тунелот од Гостивар до Букојчани да се реализира бидејќи тоа е најдобрата и најрационална опција за овој дел од коридорот“, пишува во реакцијата на ДУИ.

Делницата Гостивар-Букојчани е дел од проектот за изградба на коридорите 8 и 10Д. Проектот опфаќа вкупно четири автопатски делници кои треба да бидат готови за 4 години и 7 месеци.