Македонија
21. October 2024 - 21:21

Замрзнати вработувањата во администрација

Објавувањето на нови огласи за вработување во јавната администрација ќе биде замрзнато до почетокот на декември- од раководството на агенцијата за администрација за Сител велат дека до тогаш би требало да биде готов новиот софтвер со кој во апликациите за вработување нема да стои графата за национална припадност, па после тоа веќе ќе може да се пуштаат нови огласи за вработување на административци.

Во моментов фирмата што го одржува и надградува софтверот нема активен договор, па од агенцијата за администрација чекаат одобрување од бирото за јавни набавки да влезат во прегори со фирмата, но агенцијата се оптимисти дека за 30 до 40 дена од сега ќе биде готов новиот софтвер.

До тогаш нема да има огласи за вработување во јавната администрација, освен оние кои биле пред одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот, односно според агенцијата за администрација станува збор за 15тина огласи.

Министерството за јавна администрација пак денеска донесе одлука да ги продолжи постапките за вработување кои беа прекинати поради укинувањето на балансерот. Ова се однесува на оние огласи пред одлуката на Уставниот суд.

Од денот на објавување на одлуката на Уставен во „Службен весник“, новите постапки за вработување нема да ги вклучуваат укинатите одредби за национална припадност, додека започнатите постапки ќе се завршат според важечките прописи во времето на нивното започнување.

Упатството за конкурсите за вработување во јавната администрација  утре ќе биде презентирано на владина седница, за Владата да донесе уредба.