Македонија
21. October 2024 - 16:45

Тестираните за „Птичји грип“ се негативни

Лицата за кои постоеше сомнеж дека се заразени со птичји грип, по направените тестирања се негативни на вирусот. Институтот за јавно здравје денеска тестирал двајца кои имале симптоми карактеристични за птичји грип. Еден од нив, утринава се пријавил сам, за другиот, тетирањето беше вчера најавено.

„Лице вработено во ЗОО кое не е на доставениот список од 16 луѓе вработени во ЗОО, на ден 21.10 се пријавило во ИЈЗ со тековни симптоми. Ве известуваме дека по добиените резултати од спроведените тестирања, двете лица се негативни за птичји грип“

Во меѓувреме, од Факултетот за ветеринарна медицина тврда дека вирусот е тешко пренослив кај луѓето и нема место за паника. Велат, за некој да се зарази треба да има директен контакт со заразена птица или подолго да престојува во средина каде циркулира вирусот на птички грип.

Професорот Додовски појаснува дека штом птицата кај која е откриен вирусот слободно шетала и надвор од Зоолошката, граѓаните треба да внимаваат на своите миленици. По контакт со измет или вода во која престојувале заразени птици, домашните миленици кои се движат во паркот може да бидат заразени со птичји грип. Особено внимателни треба да бидат сопствениците на живина која се одгледува на отворено.

Птичјиот грип беше откриен во петокот откако зоолошката испратила на проверка угината гуска. Вирусот ја запечати установата во следните три недели. Веднаш беа убиени птиците кои биле во езерцето заедно со гуската, а во моментов се следи состојбата кај останиот животински свет во зоолошката.