Македонија
21. October 2024 - 16:43

Коцевски демантира дека вршел притисок врз обвинители

Вишиот јавен обвинител Мустафа Хајурлахи го известил Советот за јавни обвинители за како што тврди, притисокот кој врз него го вршел републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Коцевски денеска во писмено соопштение ги демантираше обвинувањата. Рече дека доаѓаат по контролите кои почнал да ги прави во обвинителствата и дека се дел од притисокот кој се вршел за тој да се повлече.

Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи! Кога ја презедов функцијата јавен обвинител дадов заклетва дека оваа функција ќе ја вршам чесно и одговорно и ветување дека ќе ја вратам довербата во јавнообвинителската организација. Тоа и ќе го направам – вели Коцевски.

Случајот со бонусите на обвинителите од СЈО на кои сме им платиле над 700.000 евра за да ги чуваат тајните од бомбите почна да се истражува уште пред 5 години.  По завршувањето на истрагата обвинителството констатираше дека тука нема криминал на што се жалеше ВМРО-ДПМНЕ. Наводниот притисок за кој Хајрулахи го обвинува Коцевски владејачката партија да не биде оштетена страна во овој случај би значело дека тие немаат право на жалба со што и комплетно би запрела истрагата за евентуалното незаконско трошење од страна на Јаневска и нејзините обвинители.