АХВ нареди нови мерки на Струмички Комуналец
Филтер станицата, резервоарите и главна водоводна мрежа во Струмица повеќе години не биле механички чистени и хиперхлорирани и покрај тоа што јавното комунално претпријатие имало законска за тоа. Ова било утврдено од страна на инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство кои во текот на вчерашниот ден направиле вонреден надзор во фабриката за вода на струмички Комуналец. По направениот увид, инспекторите утврдиле дека претпријатието во моментов ги презема потребните мерки за намалување на нивото на манган во водата, но исто така наложиле и спроведување на нови мерки.
,,Утврдено е дека во моментов целиот систем е контаминиран, заради што е наредено да се спроведе мерката за механичко чистење и хиперхлорирање и повторно вршење на лабораториски анализи по спроведувањето на мерките.,, соопштија од АХВ
Од ЈПКД Комуналец потврдија дека имале вонреден инспекциски надзор, но во моментов се уште немаат добиено никакво решение од агенцијата. Информациите и заклучоците од надзорот ги добиле од медиумите . Најавија дека штом го добијат решението ќе постапат по него, но потенцираа дека перењето на резервоарите и зголеменото присуство на манган во водата не се поврзани бидејќи проблемот бил во сировата вода.
Последните анализи од лабораторијата на Комуналец покажале дека присуството на манган во водата има тенденција на опаѓање, но се уште е далеку над дозволените параметри. Засега никој не може да каже до кога ќе трае ваквата ситуација и дали врнежите од дожд ќе помогнат во решавање на проблемот. Нема податоци ниту од анализите на техничката вода во Турија.
Она што е познато дека инспекторите од АХВ имаат правено надзор на акумулацијата и земено мостри за лабораториско испитување на водата од 8 мерни места.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар