Со таблички во боја ќе се спречува злоупотребата на службени возила
Граѓаните ќе можат да препознаат и да пријават евентуални злоупотреби со службени возила на функционери. Специјални регистарски таблички ќе се воведуваат за овие возила. Владата донесе одлука да се направат законски измени со кои автомобилите на државниот врв, министрите, директорите и локалната самоуправа ќе се препознаваат по бојата и бројката на регистрација. На овој начин можеби не целосно, но ќе се отстранат евентуалните злоупотреби кои со години ги прават функционерите.
Вакви мерки бараше и антикорупциска. Во државата има над 1500 вакви возила, но бројката ќе биде прецизирана со регистарот на возила кој набрзо ќе биде достапен за јавноста. Директорот вели ги следат примерите и од другите земји и размислуваат оваа листа на специјализирани таблички да биде проширена и со возила на други субјекти.
Во соседна Грција посебни таблички има за сите категории на возила па тие се поделени дури и по староста на моторот. Табличките на владините возила се во портокалова боја, такси возилата во жолта, граѓанските во бела. Посебни ознаки и бои има за полицијата, одбраната, возилата на итните служби, товарните возила и големи машини, а се одело до таму да и автомобилите на јавниот транспорт се разликуваат од останатите по табличките, па лесно препознатливи се и оние на аеродромскиот транспорт.
Во Хрватска стандардните таблички се со црни бројки, додека странските државјани со привремен престој се со зелени. Лесно препознатливи се владините возила кои се со 6 сини броеви поделени со грбот на Хрватска, возилата на армијата се со таблици на жолта позадина а воените немаат ознака на град, додека дипломатските со жолти бројки на сина позадина.
Најинтересен пример е Швајцарија кои оделе до таму да и возилата кои користат решетка за велосипеди во задниот дел на автомобилот, да можат да постават црвени регистарски таблички, а тоа ќе им ја олесни и работата на полицајците.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар