Македонија
19. July 2024 - 12:11

Апокалиптични сцени како резултат од новото жариште во штипско

Доцна синоќа „Градот под Исарот“ беше обвиткан со чад, а се чувствуваше неподнослива реа. Причина беше големиот шумски пожар на оддалеченост од 15 километри, кој се закануваше да го проголта селото Селце. Само брзата интервенција на против пожарните служби и механизацијата успеаја да му застанат на патот на огнот и да формираат обрач или прва одбранбена линија за да се избегне вистинска катастрофа.

  • Целта беше да се направи обрач од земјен пат кој што ќе го спречи движењето на огнените јазици. Буквално кажано, се случуваше во последните секунди да се трасира патот кој ќе го прекине движењето на огнот. Имавме среќа бидејќи околу нас беа искусни луѓе кои добро го познаваат теренот и кои што ни го трасираа правецот на движење, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Дополнителен проблем беше силниот ветер кој го распламтуваше огнот. Од утринава градежна механизација работи на изградба на неколку земјени обрачи, зашто пожарот е многу силен и не може да се локализира со конвенционални средства.

  • Се надевам дека од воздух ќе се дејствува и дека ќе се забави ширењето до самите села кои веќе се доведени во опасност, затоа што огнот е во нивните атари, додаде Јорданов

Во гаснењето се вклучува и армијата, но и локалното население кое со трактори им носи вода на пожарникарите.