Настава во природа и здрав живот
Географската секција „Млади ентузијасти“ од ООУ „Кире Гаврилоски Јане“ од Прилеп под менторство на наставникот Милан Јаковоски ја исполни својата мисија за настава во природа со искачување на највисокиот врв во Македонија – Голем Кораб. Претходно за околу 2 месеци учениците ги искачија врвовите Титов врв, Пелистер, Козјак кај Прилеп, манастирот Трескавец планинарскиот дом „Томе Темелкоски“ на Селечка планина и Марковите Кули. Целта е учениците директно да се запознаат со природата и убавините на Македонија.
„Овој наш проект сметаме дека ќе влезе како проект во образованието, да се применува во сите училишта во нашата држава со цел да се подобри психофизичкиот развој на учениците затоа што една ваква активност планинарењето е најдобар пример за да ги доближи учениците до природата и да ги научи за некои искуства кои што не можат да ги сретнат во секојдневниот живот“, кажа Милан Јаковоски, наставник.
Патеката на Кораб е прилично тешка и со голема елевација. Учениците се искачувале околу 5 часа, а слегувале околу 3. На врвот имало туристи буквално од цела Европа, од кои дел го искачувале врвот од македонска, а дел од албанска страна. Учениците на врвот стигнаа традиционално со песната „Македонија навива за вас“ од Тоше, а заиграа и оро на нивната песна „Бисер балкански“.
Учениците велат дека се пресреќни што биле дел од еден ваков едукативен проект.
„Искачувањето на највискиот врв во Македонија ми е од големо значење бидејќи ми пртетставува мотив за да продолжам и во иднина да планинарам“, вели еден од учениците.
„Мене ми беше многу чест и задоволство што учествував во овој проект и мотив и поттик за понатаму да продолжам да планинарам и љубов кон природата“, додаде друга ученичка член на географската секција.
„Овој проект за нас беше голем предизвик но еве денес со искачувањето на Голем Кораб. Ги ограбрувам сите ученици кои идната година ќе учествуваат овој проект да бидат во поголем број“, истакна еден од учениците.
За забава се искористија и бреговите со снег кои се уште не се стопени.
Наставникот Јаковоски најави дека проектот ќе продолжи и идната школска година кога планира да се искачат и врвовите Солунска глава, Магаро, Крчин и други, а искачувањата ќе се реализираат во два дела, на есен и на идната пролет.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар