Битиќи соопшти дека поднесува оставка од функцијата потпретседател на СДСМ
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи со видео обраќање преку својот Фејсбук профил соопшти дека поднесува оставка од функцијата потпретседател на СДСМ по поразот на партијата на вчерашните претседателски и парламентарни избори.
-Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех, вели тој во објавата на Фејсбук.
Битиќи упатува апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.
-Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции.
Да се вратиме повторно меѓу граѓаните, да го слушнеме нивниот пулс и да ги разбереме нивните потреби и да се вратиме на нашите социјалдемократски вредности. Само на овој начин може да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергија кои може да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ па да се вратиме со крената глава во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија – ветување кое го дадовме на граѓаните и кое им должиме да го исполниме. И за крај: нека е ова новиот почеток кој ќе ги обедини сите искрени другари и другарки во идејата за социјалдемократија, во идејата за соживот, во идејата за едно општество за сите каде владее правичноста, солидарноста и еднаквоста. За силен и единствен СДСМ, посочува Битиќи во видео обраќањето.
Ново на Сител
-

Војната во Иран може да предизвика прехранбена криза и нови бегалски бранови
-

Уапсени осум возачи за безобѕирно управување возило, еден од нив без дозвола возел возило кое претходно го украл
-

Започна распределбата на ваучерите за инвертер клими
-

Вештакот Ристески за „Онкологија“: Кај 12 пациенти дадена терапија спротивно на индикациите
-

За два денара поевтино гориво на повеќето бензински пумпи
-

Мицкоски на конгрес во Брисел
-

65-годишник приведен за кражба во џамија
-

Кривична за кичевецот кој лажно пријави дека има бомба во РЕК Осломеј за порано да замине од работа
