Македонија
14. March 2024 - 19:45

ОПМ ја нема листата со 2.600 производи кои треба да поевтинат со Законот за нефер трговски практики

Организацијата на потрошувачи се уште ја нема добиено листата со производи кои треба да поевтинат со законот за нефер трговски практики. Кои прехрабени продукти ги напишало министерството за економија, во организацијата дознале од медиумите. Списокот од над 2.600 артикли треба да добие зелено светло од ОПМ, но и од Стопанската комора.

Ние како организација на потрошувачи официјално ја немаме добиено листата од страна на законодавецот, сме ја виделе листата од она што беше објавено по медиумите. И ние го конститатиравме истото дека дел од луксузните производи кои претходно беа третирани како луксуз, сега се поместени на оваа листа.  Се надеваме дека во иднина, како и стопанските комори, така и ние како ОПМ, ќе ја добиеме листата и заедно со законодавецот може ќе имаме и некој заеднички состанок и ќе видиме кои производи треба да бидат опфатени со таа листа“ – Татјана Тасевска, Организација на потрошувачи на Македонија

Тасевска вели иако законот не се однесува директно на потрошувачите, доколку доследно се почитува ќе ги намали цените. Токму затоа, според неа, најважна е примената, ама и контролата.

Да се ограничи маржата на 10%, да не се бараат дополнителни средства оти понекогаш трговците знаат да бараат за рекламирање, за во флаери и така натаму, бидејќи сето тоа влијае на покачување на цената. Она што е најважно кај нас е секако примената на тој закон. Се надеваме дека комисијата за конкуренција ќе биде спремна за 6 месеци, дека ќе биде доволно екипирана за да може да се применува законот и да се следат сите состојби на пазарот“ – Татјана Тасевска, Организација на потрошувачи на Македонија

Законот беше донесен вчера до 82 гласа „за“ и ниту еден против. Предвидено е да стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и да воведе ред во на цените во малопродажба.

Првите ефекти ќе се видат дури наесен оти производителите и трговците имаат рок од 6 месеци за да ги усогласат договорите. За непочитување на Законот предвидени се парични казни од 20.000 евра.