Со реконструкција на водоводната мрежа Крушево ќе го решава проблемот со загубите на вода
Крушево планира да замени над 1.200 стари водомери, со нови со електронско отчитување и да го реконструира кракот од мрежата кој води кон хотелската зона, со што загубите на вода се планира да се намалат за 30-тина проценти. Водата е огромен децениски проблем за овој град и често пати се случува да нема вода токму и во сезона кога ќе има туристи. Овие инвестици ќе помогнат за избегнување на дел од овие горливи проблеми.
„Ќе се реконструира дел од водоводната мрежа каде што имавме огромни загуби, а тој дел од водоводот одеше до самиот хотелски комплекс, каде што имавме реакции од инвеститорите кои дополнително се прошируваат во поглед на капацитетите, но и тоа ни беше потребно и неопходно за да имаме примамлива дестинација Крушево“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Инаку Крушево најголемиот дел од водата ја добива од регионалниот водовод „Студенчица“, но таа мора да се качи во градот со пумпна станица која се наоѓа кај селото Норово, која исто така наскоро ќе се реконструира со инвестиција од 500.000 евра со што ќе се купат 2 нови мотори и нова пумпа. Со тоа ќе се заштеди и на електрична енергија чие плаќање и исто така проблем за јавното претпријатие „Комуна“.
„И секоја година имавме прекин на електрична енергија поради нецелосно плаќање на фактурите кон ЕВН. И затоа ние си зедовме обврска како Општина и ја презедовме целосно да го платиме долгот на Јавното претпријатие. Ова е историски чекор со кој презедовме долг од 14 милиони денари“, додаде Христоски.
За да комплетно се реши проблемот со водата во Крушево останува уште да се реши зафаќање на дел од изворите кои сега се наоѓаат на територија на Македонски Брод, но општината засега не ги дава.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар