Македонија
2. March 2024 - 17:05

Голема полициска акција низ Македонија - меѓу уапсените и поранешниот градоначалник Боро Стојчев

Разбиена е криминална група којашто печалела пари од продавање дрога која потекнува од фирма којашто била регистрирана за одгледување канабис за медицински цели. На чело на групата е ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев. Освен Стојчев, уапсени се и други 9 лица.  

„Денеска, полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија. Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и обезбедени се материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели“, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Уапсените лица ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, а дрогата ќе биде дадена на вештачење.

Фирмата од која потекнува дрогата е „Еко енерџи космос“. Првично основана за производство на електрична енергија, но во 2020 година ја менува дејноста за одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија за употреба во фармацијата, практично кога доби лиценца од Министерството за здравство за огледување на канабис. А од почетокот на годината е во стечајна постапка. 

Инаку, Боро Стојчев во 2017 година беше предложен за кандидат за градоначалник од СДСМ.  

Додека ја изршување функцијата „татко“ на Ново Село, во јули, 2018-тата, заедно со уште четири члена од неговото потесно семејство, беше фатен при обид за шверц на цигари близу македонско- бугарска граница. Првично си доби 18-месечна затворска казна, па подоцна му беше намалена на половина година.