Македонија
1. March 2016 - 13:48

Трибина за вклученост на деца со посебни потреби во образованието

„Состојба и предлог мерки за олеснување на инклузијата во образовниот процес на лица со посебни потреби во Општина Куманово“ беше насловена трибината која се одржа денеска во Куманово во организација на општинскиот сектор за образование.

Дефектолози, претставници од образованието, родители на деца со пречки во развојот учествуваа на трибината на која се разгледаа актуелните состојби со инклузивниот опфат на учениците во основните и средните училишта во Куманово и како училиштата и останатите чинители вклучени во овој процес да се справат со недостигот на дефектолози и логопеди во училиштата.

- Од 22 училишта во Куманово, само во четири има вработено дефектолози кои можат да дадат стручна помош на лицата кои имаат потреба во редовната настава, иако во градот има над 20 дипломирани дефектолози, рече Жика Крстевски, раководител на општинскиот Секотр за образование.

Помошта од стручните лица, освен на учениците, потребена му е и на наставниот кадар и на родителите. Општината преку вакви трибини настојува да пронајде други начини да се ублажи проблемот со недостиг на дефектолози но, нагласи Крстевски, главен фактор за ова прашање е Министертвото за образование и наука. Според Крстевски, во Куманово околу 400 деца се вклучени во инклузивно образование.

Горан Петрушев, претседател на Сојузот на дефектолози на Македонија, објасни дека учениците што се вклучени во редовното образование имаат потреба од квалитетна настава, која е условена од функционирање на стручниот кадар во училиштето.

- Не можете да вклучите деца со попреченост ако нема соодветен стручен кадар, дефектолог, логопед, психолог, стручен тим којшто во секој момент треба да излезе во пресрет на ученикот, исто така со редовните наставици да работи на индивидуалното планирање, да има индивидуален пристап со тие деца, со цел нивните постигнувања да бидат во рамки на очекуваното, рече Петрушев.

Како што информираше, процесот на инклузија е отпочнат во 1998 година и досега во одредени општини има вработено дефектолози, но  недоволно.

Доцент д-р Наташа Станојковска-Трајковска од Институтот за дефектологија посочи дека во Македонија во задолжителното образование се поголем број деца имаат потреба од стручна помош и дека според податоците на Министертсвото за труд и социјална политика има 198 деца со посебни образовни потреби на територија на Македонија во градинките. Во градинките во Куманово има по еден дефектолог и еден логопед.

- Во Куманово нема развиено мрежа на самостојно живеење со поддршка, нешто што е најголем проблем на сите семејства, на родители на деца со умерена и со тешка интелектуална попреченост. Таа неизвесност постојано ги мачи, затоа што на поголема возраст нема да може да останат во истиот град и да ги имаат секојдневните контакти со своите семејства, рече Станојковска-Трајковска. Додаде дека во Куманово нема згрижувачки семејства кои прифаќаат деца со попреченост. Таа препорача дека во сите училшта треба да има дефектолози и како позитивен пример ја наведе општина Струмица.

Процесот мора системски и интегрирано да се решава со заедничка соработка на Министерствата за труд и социјална политика за образование, општините, училиштата, родителите, што ќе овозможи квалитетен живот од најрана возраст, се до вработувањето кога се вклучува бизнис-заедницата.