Македонија
21. February 2024 - 16:57

Ако сите соберат потписи: До сега 8 кандидати за претседател

Гласачкото ливче на Претседателските избори ќе брои најмалку 8 кандидати ако сите оние кои сакаат клуч од Вила Водно до 8ми март успеат да ги соберат потребните потписи. Процедурата почнува во петок а денеска први иницијатива поднесоа левичарите на Апасиев кои ќе се обидат да дојдат до 10.000 потписи кои би ја лансирале Ванковска во претседателската трка.

За утре како што велат голема вест ќе имаат и во ДУИ која што ќе ја објави Ахмети. Неофицијално, интегративците во моментов избираат меѓу Османи и кичевскиот градоначалник Дехари. Најголем ривал ќе им биде Таравари кој веќе најави учество.

Од денеска попладне Претсдателски кандидат има и ГРОM а својот утре ќе го најави и ЗНАМ на Максим Димитриевски, додека Вело Марковски сам се промовираше уште пред неколку месеци
Очекувано, најголемите партии последни ја официјализираат својата кандидатура. СДСМ треба до крајот на месецов или на почетокот на идниот да одржи конгрес. Во ВМРО-ДПМНЕ денеска истече рокот за пријавување на нивниот оглас а со кого ќе тргнат по столчето на Пендаровски ќе се знае на 2 март за кога е закажана партиската конвенција. Од партијата денеска не беа расположени за многу информации околу овој процес.

И ако на Претседателските избори распоредот на силите е веќе познат, парламентарните се сосема друго прашање, во кое најголемиот прашалник стои над можноста за коалиција на СДСМ и ДУИ

Рокот за поднесување на претседателските кандидатури во ДИК истекува на 20 март. За парламентарните избори, кандитатски листи ДИК ќе прифаќа најдоцна до 3 април.