Македонија
26. January 2024 - 16:48

Ковачевски пред заминување го потпиша Законот за рестриктивни мерки, критиките остануваат

Законот за рестирктивни мерки е последниот документ кој добил потпис од Ковачевски, вчера, на последниот ден од неговиот мандат.

Законот патува до Собранието и покрај тоа што доби бројни критики од правните експерти, но и од државни институции.

Останува негативното мислење од Секретаријатот за законодавство и од Министерството за правда. 

Иако владата од јавноста се уште ја крие конечната верзија на законот со кој црните листи на САД и Обединетото Кралство стануваат дел од правниот поредок на дражавата, од правда остануваат на ставот дека воведувањето на рестриктивни мерки врз основа на правни акти од овие две држави е спротивно на уставниот поредок и со суверенитетот на Македонија.

Уште поспорно е што заедно со Законот за рестриктивни мерки, се подготвуваат и измени на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, кој ќе дозволи замрзнување на имот само врз основа на сомневање и со владина одлука, со што се отвора можност мерките да се користат за политички цели, а Владата ќе ја преземе улогата на суд, сметаат оттаму

Каква судбина ќе има законот сепак е неизвесно со оглед дека и идниот премиер на техничката влада Џафери јавно кажа дека е против овие законски измени.

Еден од најгласните критичари на законските измени е професорот по кривично право Гордан Калајџиев, кој напиша дека сè што е предвидено со овие измени е погрешно, почнувајќи од тоа што МНР и безбедносните служби ќе имаат одлучувачка моќ, бидејќи според законот тие да бидат надлежни органи кои ќе доставуваат предлози за воведување на рестриктивни мерки.

И покрај сите овие забелешки владата го усвои законот на седница пред 10 дена, а од денеска е испратен и до Собранието.