Македонија
26. January 2024 - 14:03

Мицкоски: Следните 100 дена се суштински за да имаме кредибилен изборен процес

Следните 100 дена се суштински за да имаме колку толку кредибилен изборен процес. На секој човек му е јасно дека на следните избори ќе победи ВМРО ДПМНЕ. Целта ни е да освоиме 61 пратеник за да се овозможи целосна трансформација на Македонија, порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на дебатата „Важно е“.

Мицкоски изјави дека примарната цел на ВМРО-ДПМНЕ е, како што рече, да го консолидира антивладиниот глас се со цел да освојат 61 пратеник. На тој, начин, рече Мицкоски ќе се отвори портата не за реформи, туку за трансформација на Македонија.

-Тоа ќе го направиме така што ќе покажеме нешто што е поразлично од тоа што до сега било, како што тоа достоинствено го покажуваат повеќе од 42 градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ работејќи чесно, посветено без ниту еден скандал коруптивен. Тие промовираа еден поинаков начин на функционирање во кој што можеме да кажеме дека не важи правилото сите се исти. Тоа треба да го направиме овие 100 дена и јас тоа го очекувам од овие луѓе кои денеска се со мене тука, а од граѓаните очекувам да не бидат жртви на реториката на јастребите кои што се опозиција на опозицијата, да го консолидираме гласот околу коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и да освоиме 61 пратеник, а на тој начин ќе се отвори портата не за реформи, туку за трансформација на Македонија, нагласи Мицкоски.

Тој рече дека ќе покажат нешто поразлично од ова што било досега и додаде дека петте нивни претставници во техничката влада ќе го покажат тоа во следните 100 дена.

-Втора работа која што е исто така важна во сите овие ресори без разлика дали станува збор за администрацијата каде вештачки се објавуваат конкурси, и таму гледаме дека партиски војници се вработуваат, а не луѓе со компетенции, да можеме да влијаеме да го сведеме тоа во едни нормални рамки, односно доколку се потребни луѓе за вработува да се примат луѓе со знаење и вештини, компетентни. Во земјоделие ќе има големи предизвици, утрово следев дека има проблем со откупот на тутун, реколтата е преполовена, но цените се незадоволителни, земјоделците протестираат. Кај Панче во МВР не очекува голема задача и предизвик. Институцијата МВР само по себе нуди многу предизвици. Но, јас сум убеден дека како истакнат правник за кој јас лично имам огромна доверба, заедно со тимот кој ќе го состави оние 15 менувања и хоризонтални поместувања, ќе одговори на предизвиците за организирање на фер и демократки претседателски и парламентарни избори. Кај Елена во финансии ќе има големи предизвици, знаете буџетот во каква состојба е. Елена е исклучителен професионалец со повеќе од 25 години работно искуство. Позади себе има десетици обуки од ММФ, Светска Банка итн, рече Мицкоски.

За кандидатот за технички министер за труд и социјална политика рече дека има долгогодишно искуство во секторот, кои ги поминал сите скалила.

-Имаме тим од пет професионалци кои убеден сум дека овие 100 дена ќе дадат се од себе за да обезбедат кредибилен процес, да го одбранат гласот и волјата и народот, а со својата работа ќе покажат и докажат дека не се сите исти, а ние на 8 мај ќе се радуваме на нов претседател од ВМРО-ДПМНЕ и победа со мнозинство во Парламентот, како коалиција која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ одржува дебата на која учествуваат Панче Тошковски, предложен кандидат за технички министер за внатрешни работи, Ѓоко Велковски, предложен кандидат за технички министер за труд и социјална политика, Елена Петрова, предложен кандидат за дополнителен заменик министер за финансии, Цветан Трипуновски, предложен кандидат за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Стефан Андоновски, предложен кандидат за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација.