Планот за раст на Западен Балкан ги седна на заедничка маса лидерите од регионот
Планот за раст на Западен Балкан ги седна на заедничка маса лидерите од регионот. Вучиќ, Рама, Курти и Спајиќ допатуваа во Скопје, а нивен домаќин беше премиерот Ковачевски.
Планот се однесува за периодот од 2024 до 2027 година. Содржи шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан: две како неповратни средства, а четири милијарди како поволни заеми.
Меѓу целите е создавање единствен регионален пазар и пристап до европскиот, удвојување на економиите и намалување на социоекономскиот јаз помеѓу земјите од регионот и членките на Унијата.
Лидерите го поздравија планот. Сметаат дека ваквите иницијативи се добар механизам за поплочување на патот до ЕУ.
За да ги добијат парите, најпрво треба да се исполнат повеќе услови. Потребни се конкретни социо-економски, но и фундаментални реформи како владеење на правото, демократијата, почитувањето на основните човекови права. Наведено е и здравото управување со јавните пари.
За придобивките дебатираа заедно со високи претставници од ЕУ и САД кои потенцираа дека процесот никој нема да може да го блокира поради нерешени билатерални спорови, а секоја земја што ќе се обиде да го направи тоа, ќе се соочи со последици.
Првите исплати се предвидени за првата половина од годинава, но земјите треба да подготват реформски агенди кои ќе бидат одобрени и од Брисел. Врз нивна основа ќе се оценува напредокот.
Планот беше презентиран од Европската комисија во ноември лани, заедно со извештаите за напредокот на земјите.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар