Нема да има законски измени за пролонгирање на рокот за вадење на пасоши – сите очи сега се вперени кон Уставен
Пропадна предлогот на Пендаровски за законски измени за пролонгирање на рокот за вадење на пасоши. Тие нема да се случат, а граѓаните ќе треба да си ги сменат патните исправи до 12 февруари, информираше министерот Османи. Шефот на дипломатијата порача да не им се дава лажна надеж, а институциите да го забрзаат процесот на издавање на пасоши.
Грците имале разбирање за техничките аспекти во процесот, ама обврските од Преспанскиот договор, кој е меѓународен, си остануваат.
А за граѓаните кои нема да успеат да ги сменат пасошите до средината на следниот месец, Османи е дециден дека ќе се крои решение после 12 февруари.
Сега сите очи се вперени во Уставен.. Судот веќе отвори претходна постапка за два предмета по иницијатива на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но се уште не може да се прецизира датум за тоа кога важноста на пасошите ќе се најде на седница.
„Тимовите од советници и судии работат на прибирање и анализа на потребните материјали и согласно деловничките обврски ќе биде изготвен реферат кој ќе содржи предлог за одлучување и дискутирање на седница“, појаснуваат од Уставен за Сител.
Личните карти со назив „Република Македонија“ ќе ни важат само дома, во државата и по 12 февруари. Од замената на личните карти поради новото уставно име, со парите од џебот на граѓаните, државниот буџет се „освежил“ со над пет милиони евра.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар