„Десна“ го смени Палевски од претседател, ОЈО се уште без постапка за дерегистрација на партијата
Љупчо Палевски повеќе не е претседател на политичката партија Десна.
Од партијата велат дека сите осомничени за убиството на Вања и Панче кои воедно се и членови на партијата, имаат замрзнато членство и функции.
На местото на Палевски, за претседател на партијата е избран Тони Алексовски, основач и член на Десна. Јавните повици на премиерот Ковачевски и министерот Спасовски партијата да биде дерегистирана ги оценуваат како закана кон членството и сериозен политички преседан.
Десна цврсто и решително продолжува по промакедонскиот курс, преку спроведување на редовните партиски активности, во прв ред борбата за зачувување на името и статусот на МПЦ - ОА, иницијативата за Референдум за раскинување на штетниот антимакедонски Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и подготовка за претседателските и парламентарните избори, посочуваат од партијата.
Сепак дали партијата во која членуваат сите осомничени за двојното убиство ќе згасне ќе зависи од обвинителството, од каде велат дека таква постапка се уште не е поведена.
Во Законот за политички партии се наведени основите поради кои јавен обвинител може да поведе постапка пред надлежен суд за бришење на политичка партија. Доколку се утврди дека се исполнети законските основи, обвинителството ќе постапи според своите надлежности, велат од обвинителството од каде посочуваат дека истрагата е се уште во тек, а нови информации за јавноста засега нема.
Првоосомничениот Палевски е се уште во привремен затвор во Турција каде беше приведен на почетокот на декември. Македонските институции се уште чекаат информации за негова екстрадиција од турските власти.
Нов 30-дневен притвор пред 10тина дена добија уште 5 осомничени. Тројца од нив се товарат за со извршителство на двете убиства, а двајца меѓу кои и таткото на Вања за помагање.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар