Македонија
26. December 2023 - 16:34

Општина Тетово ќе го урива крстот на Шапка

Крстот на Попова Шапка ќе биде отстранет одлучи инспекторатот на Општина Тетово. Донесено е решение за уривање бидејќи бил изграден без дозвола. Од Општината велат донесена е одлука за уривање на 5000 нелегални објекти и ќе се постапува согласно законот.

Тетовско Гостиварската епархија веќе го добиле решението и најавија жалба до општината.

-МПЦ ОА Тетовско-гостиварска епархија, своите права во насока на разрешување на даденото прашање ќе ги штити преку достапните правни механизми. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации и да бидат посветени на мирот и добрите меѓурелигиски односи.

Против крстот на Попова Шапка за во петок се  најавени протести  пред зградата на општината. Политичките партии со реакции за и против ова решение.

Од СДСМ бараат  БЕСА и ВМРО  ДПМНЕ да ја повлечат одлуката за уривање на верското обележје. Обвинуваат дека коалиционите партнери во Тетово со ваквите одлуки и сценарија сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии.

ВМРО ДПМНЕ ги отфрла овие обвинувања и велат за ова прашање се разговарало на вонредна седница свикана од ДУИ  на која СДС молчеле. Од партијата велат никој нема право да отстрани верски објект и да ги ограничува верските слободи на граѓаните.

- Не смее да се заборави дека владејачката коалиција ДУИ и СДС ги имаат запоседнато сите институции во државата и единствено тие се повикани и надлежни, преку структурите на овие две партии да одлучуваат и постапуваат за многу дивоградби, како што се спомениците на УЧК, многу хациенди, нелегални згради на кој овие институции молчат. Крстот на Шапка е последниот објект за кој треба да се дискутира и да се прави политика од него.

Демократското движење не сакаа да го коментираат потегот на општината Тетово.

Директорот на ЦУК Ангелов вели крстото на Шапка нема да падне и му порача на тетовскиот градоначалник Касами да се позанимава со ѓубрето кое ги труе тетовчани.

Со оглед на досегашната динамика на рушење на бесправно изградени објекти во Тетово и тетовско, крстот на Попова Шапка никогаш нема да дојде на ред. Најавениот протест против крстот ќе покаже колкумина наши сограѓани Албанци ќе покажат непочит кон нас православните Македонци.

Ангелов пред еден месец се фотографираше со крстот и тогаш им порача на албанските политички партии да не се обидуваат да носат решенија за уривање на ова верско обележје и предупреди доколку дојде до тоа, тој  како граѓанин заедно со негови пријатели од 2001та ќе организираат одбрана на крстот.

Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16 ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот Свети Наум Охридски Чудотворец.