Секој втор граѓанин во Македонија пуши цигари
Половина од населението во Македонија пуши цигари. Загрижува податокот дека дури 81 процент од пушачите почнале да пушат пред 25-тата година, а 12 отсто од учениците користеле тутунски производи, покажуваат анализите на “Аналитика тинк-тенк”. Достапноста на цигарите за малолетниците во продавниците, пушењето од страна на врсниците и родителите се причини зошто се повеќе млади лица палат цигари.
- Она што е многу важно и што го увидовме од анализата е дека 80 отсто од младите кога купувале цигари не биле спречени. Значи ние имаме голема достапност на цигари, имаме законска регулатива меѓутоа немаме имплементација во пракса, изјави Тамара Мијовиќ Спасова, извршен директор на Аналитика тинк – тенк.
За да се спречи пушењето цигари пред се помеѓу младите и да се намалат смртните случаи и здравствените последици, истражувачите препорачуваат поскапување на цигарите за 22 проценти преку зголемување на акцизата за 30 отсто.
- Она што е поважно е дека тоа би значело слевање во буџетот на дополнителни 265 милиони евра, што е пресметка приближно еднаква со пресметките коишто ги направи Министерството за финансии во месец октомври кога излегоа новите измени на законот за акцизи, потоа спасување на 7000 смртни случаи годишно, изјави Бојана Мијовиќ Христовска, проектен менаџер и постар истражувач во Аналитика тинк – тенк.
Доколку сето ова се спроведе во пракса и се заострат законските регулативи заклучоците на истражувањето на Аналитика се дека освен финансиски придобивки, луѓето ќе бидат поздрави и ќе се избегнат голем број смртни случаи кои се резултат на пушењето цигари.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар