Македонија
30. November 2023 - 16:52

Кои потрошувачи ќе добијат евтина тарифа уште утре?

Евтината тарифа за струја стартува од утре. Но на првиот ден со сигурност ќе ја добијат само тие што имаат дигитални броила. 

ЕВН поседува 170.000 дигитални броила за кои ниската тарифа ќе ја вметне компјутерски, но останатите 650.000 обични броила екипите на компанијата ќе треба да ги сетираат рачно. Тоа ќе се прави уште од утре, освен за недостапните кои ќе се сетираат во наредниот период. 

Тие кои имаат дигитални броила самите ќе можат да проверат дали навистина трошат струја од евтината тарифа. 

- На LCD екранот на броилата се појавува ознака Т1 (за висока тарифа) и Т2 (за ниска тарифа), што значи дека во зависност од периодот на денот се појавуваат и се активни соодветните ознаки на екранот. Имено, корисникот може да препознае дали му е сетирано броилото на евтина тарифа од 13 до 15ч. после 1-ви декември, доколку му се појави соодветната ознака за евтина тарифа во наведениот временски период, велат од ЕВН.

Компанијата денеска ја добила и понудата од ЕСМ за цената на струјата за следната година. ЕСМ нуди електрична енергија за 57 евра за мегават час за покривање на 95% од вкупно планираните количини. Оваа цена е повисока за 4 евра, или за 7,5% од последниот тендер од јуни до декември годинава.

Дополнително, за покривање на останатите 5% од вкупно планираните количини, ЕВН Хоме доби две понуди и тоа од АД ЕСМ, по купопродажна цена на електричната енергија од 120,01 евра за мегават час и од компанијата Соле24 ДООЕЛ по цена од 130 евра за мегават час. ЕВН Хоме одлучи да не прифати ниту една од пристигнатите понуди за овие количини, за да го ограничи влијанието на крајната цена на електричната енергија. Во таа насока ќе се направат напори во зависност од техничките и временските услови, овие количини да се набават преку МЕМО по поповолни услови согласно моменталната состојба, само доколку тоа е неопходно.

Овие понуди кои ЕВН ги добива се двата главни од вкупно пет параметри според кои се формира цената на струјата. ЕВН до крајот на годината треба да ја направи пресметката за цената на електрична енергија која ќе ја плаќаме од први јануари.