Марковски: Два месеци ќе бидат потребни за саницијата на столбот на мостот кај Црна Река
Два месеци ќе бидат потребни за да се санира проблемот на столбот на мостот кај Црна Река, на железничката линија Гевгелија-Велес, проценува професорот Горан Марковски. Но постојат ризици. Тие се временските услови и некои непредвидени сознанија кои може да произлезат од текот на истражувањето, предупредува деканот на Градежниот факултет. Експертите направиле увид, ја утврдиле причината за дефектот којшто го парализираше железничкиот сообраќај на овој патен правец, поради кој граѓаните деновиве се принудени да се возат малку со воз, малку со автобус за да стигнат до посакуваната дестинација.
„Констатирано е дека причина за напукнување на грејните носачи е поместувањето на темелот на едниот, среден столб кој се наоѓа на коритото на Црна Река. Тоа негово поместување предизвикало деформација на горниот строј на мостот, одредени пукнатини и поместување на шините, што всушност било индикатор, оттаму почнало се’, за да се утврди дека нешто се има случено со конструкцијата на мостот“
Екипите веќе работат на утврдување на последиците, откриваат од кој ранг се оштетувањата, со цел да се најде најсоодветно решение за тоа како мостот да се обезбеди за безбеден железнички сообраќај. Оштетувања на темелот на столбот како овој, според професорот Марковски никако не можеле да се предвидат.
Товарниот сообраќај на правецот Гевгелија-Велес е целосно блокиран, а патничкиот се одвива со „премостување“ - со автобуски превоз. Мостот на Црна Река попушти и на 29 септември, 2018 година. Тогаш машиновозач додека управуваше со композиција ја забележа пукнатината во носечкиот столб. Тогашната санација на столбот траеше 40тина дена што ЈП „Македонски железници“ ја чинеше 30.000 евра на ден.
Инаку, железничката пруга Скопје – Гевгелија е дел од Коридорот 10 преку кој солунското пристаниште е поврзано со Европа.
Професор Марковски за Сител изјави дека во тек било и формирање на финансиска конструкција и изнаоѓање на средства за изградба на нов мост на таа локација или за една посериозна санација веќе постоечкиот.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар