Наставниците кои предаваат интегрирани предмети, нема да добиваат помали плати, нема да бидат отпуштени од работа
Наставниците кои предаваат интегрирани предмети по новата концепција во осовното образование, нема да добиваат помали плати, а не треба да стравуваат ниту за работните места. Од СОНК гарантираат дека ниту еден наставник нема да биде отпуштен поради новите реформи во основното образование. Загриженоста кај овие наставници е оправдана бидејќи ќе имаат помал фонд на часови во првото полугодие, но со МОН се договориле дека ќе им биде пресметан годишниот фонд на часови и ќе земаат целосни плати.
Со новата Концепција од оваа година наставниците ќе ги предаваат предметите географија, историја и граѓанско општество како еден предмет за учениците од шесто одделение.
Иако со овие реформи и наставниците и учениците за прв пат се сретнуваат, претседателот на СОНК вели времето ќе покаже какви предизвици и проблеми ќе излезат на површина.
Сите евентуални проблеми биле ставени на маса на средбата помеѓу МОН, синдикатот и Бирото за развој на образованието, па од ресорното министерство уверуваат дека истите ќе бидат надминати, а реформата ќе продолжи да се спроведува.
Реформата на основното образование ќе продолжи согласно предвидената динамика, затоа што ги дава очекуваните ефекти. Предизвици постојат и тие се надминуваат преку заеднички пристап, а во меѓувреме секоја добронамерна сугестија која би можела да го олесни спроведувањето и да ја подигне нејзината ефикасност и ефективност, е добредојдена.
Иако во неколку наврати претходно синдикатот и МОН не можеа да најдат заеднички јазик околу зголемувањето на платите во образованието, сега од СОНК велат се генерално задоволни од соработката која ја имаат со ресорното министерство. Побарале од септември платите на вработените да им бидат зголемени за 12,5%, а тие им ги зголемиле за 15%.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар