Loading Video...
Македонија
12. August 2023 - 16:32

Знаме со голема Албанија за пречекот на Курти - Ќе има ли одговорност?

Дојден во приватна посета, пречекан со знамиња, билборди, концерти, вака тетовчани му прриредија добредојде на премиерот на Косово, Албин Курти. По низата настани на локално ниво, за Курти беше организиран концерт на плоштадот во Тетово, а таму меѓу толпата граѓани високо развиорено знаме со карта на голема Албанија.

Што славеа градоначалниците од албанската опозиција во државата и на чија територија се градоначалници прашува јавноста. Уште на влезот од Тетово  билборди за добредојде на косовскиот премиер, а по улиците знамиња на Косово, Албанија, ЕУ но не и макеоднското знаме. Иако тој неформално гостуваше во земјава и не дозволи прашања на настаните каде присуствуваше, Курти одлучи својата политичка порака до македонските албанци да  ја испрати во обраќањето на  концеротот во Тетово.

Тетовскиот градоначалник Билал Касами во говорот го нарече Курти  премиер на сите албанци. Дали законите ќе важат еднакво за сите во државата реагира јавноста по веењето на картата од голема Албанија во центарот на Тетово. Во врска со случајот СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот.

Веењето на знаме голема Албанија не беше попречено за време на настанот, иако присутвото на Курти беше обезбедено со голем број полицајци кои беа ангажирани буквално на секои десетина метри по рутата на движење. Реакциите не стивнуваат ниту за премиенувањето на улицата во Чаир од втора македонска бригада во името на косовски борец и политичар Адем Демачи. Покрај герилата акција на Левица пред настанот во Чаир, следеа и остри реакции и од ВМРО ДПМНЕ кои прашуваат чиј главен град е Скопје, дали на Македонија или некоја друга држава

Вчера во Скопје без никакви македонски обележја и со голема помпезност и во присуство на премиер од друга држава, беше преименета улицата Втора Македонска ударна бригада во име на косовски борец Адем Демачи.Улицата го добива името на Демачи, кој нема никакви допирни точки ниту со историјата на Македонија, ниту пак со Скопје, туку имал националистички идеали поврзани со други држави. Оттука прашуваме дали советниците на СДС знаеле што гласаат во 2021 година во Советот?

Осуда од владејачката коалиција за настаните во Скопје и Тетово нема. Од  СДСМ реагираа одговорите за ваквите настани ВМРО ДПМНЕ да ги бара кај лидерот Мицкоски.  

„Неформалните коалициски партнери на Мицкоски и ДПМНЕ се организатори на настаните во Скопје и Тетово. Касами стана градоначалник со поддршката и гласовите на ДПМНЕ, а нивната заедничка соработка продолжува и во Советот, во Собранието но и за други теми. Заедно со Мицкоски се здружија да прават ново парламентарно мнозинство и нова влада, кое не им успеа.

Кумановскиот градоначалник остро го осуди пременувањето на улицата во Чаир и побара институциите да постапат поради истакнување на обележја на друга држава на јавен настан, неинтонирање на државната химна и отсуство на државното знаме што е спротивно на законите.

„Истакнувањето на обележје на јавен собир во Тетово од т. н. голема Албанија е спротивно на Уставот и Законите на државата. Ги повикувам надлежните, во овој случај МВР и ОЈО да постапат согласно овластувањата и превземат постапки против одговорните и сторителите а надлежниот суд истите да ги санкционира доколку сеуште оваа власт има супрематија.“реагираше градоначалникот Димитриевски.

Обединета македонска дијаспора побара уште поригорозни мерки да се прогласи за непожелна личност во државата премиерот на Косово.

„ОМД бара од Македонската Влада, да напише протестно писмо кон Косово, го прогласи Албин Курти за персона нон-грата, разговара отворено и озбилно со Албанскиот блок за овој тотално недржавнички чин, враќајки ги сите обележја, имиња на улици, корегирајќи ги сите Албански знамиња во согласност со уставот на Република Македонија, и постапување согласност законите. “

Реагираше и поранешниот претседател на Собранието,  Тито Петковски, кој вели дека по она што јавноста имала можност да го види вчера, јасно е зошто Курти нема поддршка ниту од САД ниту од ЕУ.- Да биде иронијата уште поголема, тој се дружеше само со претставници на македонската опозиција. Свесен е човекот за своите вредности, можности и перспективи. Неговата посета, неговото однесување, пораките што ги упати, заедно со знамето на „Голема Албанија“ на собирот на кој присуствуваше, не претставуваат дипломатски гаф, туку срам!

Порака да бидат внимателни граѓаните  упати екс премиерот на Косово, Рамуш Харадинај.  

„Не му верувајте на измамникот Албин Курти. Сите патишта и проекти се блокирани во Косово, вклучително и Плавскиот пат. Бидејќи веќе не може да ги лаже граѓаните на Косово, дојде да ве лаже вас, зборувајќи за патот Тетово – Призрен. Истото го пробал и во Албанија, но не му поверувале и го избркале. Не потпаѓајте на неговите трикови“, напиша Харадинај на Фејсбук.

Со оглед дека Курти не се сретна со ниту еден владин претставник ниту пак со  било кој од албанските партии во власта, јавноста го оцени неговото доаѓање како поддршка за политиките на албанската опозиција во земјава. На настаните со Курти, освен градоначалниците на Чаир и Тетово, беа и Изет Меџити кој формираше ново политичко движење, како и лидерот на Алтернатива.