Македонија
23. July 2015 - 17:03

За 20% повеќе мозочни удари од лани брза реакција и соодветна терапија за помали последици

Мозочните удари косат. За 20 проценти е поголем бројот на пациенти годинава во споредба со истиот период лани. Дополнителен ризик се високите температури и горештините.  31-годишна скопјанка во последен момент била спасена да не остане инвалид. Со одземеност на десната нога и рака, веднаш била однесена во Ургентниот центар во 8-ми септември. И аплицирале тромболитична терапија која е современ третман за лица со мозочен удар. Пациентката ја напуштила болницата во добра здравствена состојба.

- Клучен момент е раното пристигнување на пациентот во здравствената установа со цел навремено аплицирање на терапијата, а со тоа и спасување на човечкиот живот и подобрување на квалитетот на живот на пациентот. Подеднакво важно е лекарот каде пациентот првично се јавил на преглед да ги препознае симптомите на мозочен удар и да го упати пациентот во Центарот каде се аплицира тромболитична терапија или самиот да ја започне иницијалната интравенска терапија со тромболиза доколку е едуциран во областа, изјави  Тодоров

Според лекарите најважна е брза реакција и соодветен третман за помали последици од мозочен удар. Во Македонија околу 100 пациенти примиле тромболитична терапија која дала позитивни резултати. Искривување на лицето, слабост во една рака или нога и проблем со говорот е црвен сигнал за одење во болница.

- Кај  60 до 70 проценти од пациентите со мозочен удар може да се постигне во некои случаи и спектакуларен резултат, првин да се спаси животот, а понатаму да се намали степенот на инвалидитет, изјави др. Венко Филипче, неврохирург. 

 Статистичките податоци покажуваат дека кај една третина од пациентите мозочниот удар е фатален. Повеќе од 60 проценти кои преживуваат, имаат трајни последици по нивната психофизичка состојба.