Расте притисокот Австралија да ја признае Македонија под уставното име
Расте притисокот врз австралиската влада да ја признае Македонија под уставното име. По неколкуте барања на австралиските парламентарци, како и ветувањата на политичарите до големата македонска заедница пред секои избори, во потпретседателот на Парламентот на Нов Јужен Велс Фредерик Наил Македонија доби уште еден лобист Австралија да преземе правилен чекор со признавање на уставното име.
,,Мислам дека од година во година се создава подобра атмосфера. Имаме се повеќе поддржувачи во Австралија и лобисти кои што признавањето на уставното име на Макеоднија го гледаат како една праведна кауза и мене ми е драго што со колегата г-динот Наил најдовме заеднички јазик и ја имаме неговата поддршка‘‘, изјави потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски.
Наил, кој со години работи со македонската заедница, пред се во Сиднеј смета дека има кредит и кај грчката заедница бидејќи лобирал во австралискиот Парламент за донесување резолуција со осуда на турскиот геноцид врз грчкото население во Турција во 1915 година.
,,Тоа што можам да го направам кога ќе се вратам во Сиднеј е да го промовирам македонскиот интерес на повеќе нивоа. Потпретседателот ми потенцира да се реши овој конфликт околу името на земјата да биде едноставно именувана со Република Македонија и да се финализира членсвото на Македонија во меѓународните организации, како што е НАТО. Ќе сторам се да го промовирам интересот на Македонија во Австралија преку државниот и федералниот Парламент и контактите што ги имам во федералниот Парламент и со Премиерот Тони Абот, кој е мој пријател‘‘, изјави Наил.
Според Наил, во сите контакти што го имал во Австралија добил позитивни реакции за признавање на уставното име и неразбирање на ирационалноста на спорот.
-

Валентин Николоски
Сите содржини од овој новинар
