Родилка скокнала од првиот кат на Гинекологија, се бори за живот на КАРИЛ
Родилка синоќа скокнала од прозорец на Клиниката за гинекологија. 39 годишната жена која пред два дена добила здраво машко дете денеска се бори за живот на КАРИЛ. Од ГАК велат дека пациентката во петокот се пожалила на вознемиреност, а со неа разговарал клинички психолог. Слични симптоми имала и вчера, била прегледана од дежурен лекар кој и дал соодветна терапија, но околу 21 часот излегла во ходникот и се фрлила од првиот кат.
- За жал пациентката е во многу критична состојба, сега зборував со директорката на КАРИЛ која е во моментов дежурна. Пациентката не сакала да го дои бебето, била лесно вознемирена, но тоа не е првпат да се случува. Зборувавме со директорот на психијатрија да доаѓа некој лекар оттаму еднаш неделно за почеток за да разговара со мајките, но не знам како ќе го прифатат пациентките. Многу пати пациентките се повредени кога им велиме да разговараат со психолог, изјави д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија.
Родилката на која оваа и било прва рожба била донесена на Клиниката во петокот во 36- тата недела од бременоста во тешка состојба.
- Пациентката веднаш е прегледана од дежурен специјалист во амбулантата за итни случаи и е утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постелката, состојба којашто витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката. Пациентката веднаш е примена во родилна сала и по кусата предоперативна подготовка и за 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21.30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција, изјави директорката д-р Јовановска.
Од Клиниката случајот веднаш го пријавиле во полиција, а истрагата треба да утврди како и зошто дошло до овој немил настан.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар