Македонија
6. јуни 2023 - 13:40

Лефков: Пресудата за пожарот во Тетовската модуларна болница е доказ колку судството е под притисок на власта

Вчерашната пресуда за пожарот во тетовската модуларна болница, во која животот го изгубија 14 наши сограѓани, е доказ колку судството е под притисок на власта. Одлуките се носат зависно од тоа дали лицето кое е предмет на постапката е блиско до власта или не.

Наместо индивидуална кривична одговорност, се сѐ сведе на кабелот, а директорите на болницата Флорим Бесим, братот на министерот за финансии од ДУИ и Артан Етеми, и двајцата кадри на ДУИ добија условна казна од 18 месеци. Тие нема да влезат во затвор, ако во период од 18 месеци не сторат друго кривично дело.

Оваа пресуда е и доказ како ДУИ се грижи за Албанците и за Македонците, кога од другата страна се нивните функционери.

ДУИ ниту се грижи за Албанците, ниту за Македонците, туку само за своите функционери.

Секогаш кога во прашање се луѓе од власта особено од ДУИ и СДС, вината е секаде, само не во нив. Не може 14 луѓе живи да изгорат во објект на Министерството за здравство, а никој за тоа да не е одговорен, па да се даваат бледи изговори дека кабелот е крив. Луѓе бегаа во страв и паника, цели семејства беа во солзи, а вчера судството на ДУИ и СДС им кажа дека кога одговорност треба да сносат нивни кадри, таа нема да ја има.

Кај 14 фамилии не стигна правдата за своите најмили, кои очекуваа барем крајна разрешница, во која се знае кои се виновниците и истите да бидат казнети.

Со СДС и ДУИ нема одговорност, нема правда. Случајот со пожарот во модуларната болница не е единствен случај во кој нема одговорност за луѓето од власта. Истиот принцип на неказнивост на функционерите на СДС и ДУИ се виде и кај случаите на Ден Дончев, Рашковски, Лидија Димова и многу други, кои беа фатени во криминал, а денес се шетаат слободно.

И во овие случаи, и во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, одговорност ќе има. Никој нема право да биде над законот, само затоа што им служи на Ковачевски и на Ахмети.

Начинот на кој функционира власта се гледа и низ последните случувања во здравството. Неуспесите кои ни се случуваат на секое поле се токму резултат на ваквите кадрови политики кои секогаш се базираат на задоволување на личните интереси, а не задоволување на колективните и пред се интересите на граѓаните, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков одговарајќи на новинарско прашање за разрешувањето на кардиохирургот Јовев.

Лефков потенцира дека ваквите потези резултираат со зголемено незадоволство и несигурност на граѓаните во здравствениот систем.

- Ваквите одлуки покажуваат зошто здравствениот кадар е понижен веќе со години и затоа ни се случува да имаме дефицит на кадар. Власта очигледно е дека одмазнички настроена кон сите што не и се истомисленици и за жал политиката е навлезена во секоја пора од македонското општество. Ова мора да заврши што поскоро и мора институциите да ги ослободиме од стегите на политиката, истакна Лефков.

Пратеникот Миле Лефков одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што за опозицијата уставни измени се неприфатливи и со кои други барања и позиции ќе оди претседателот Христијан Мицкоски на лидерска средба истакна дека она што е важно е дека уставни измени под диктат нема да има и треба да се размислува на што после пропаста на уставните измени.

Во однос на прашањето за тоа дали на оваа средба би се разговарало за изборниот законик Лефков нагласи дека потребно е средбата да се случи бидејќи е извесно дека уставните измени нема да поминат понатаму би се разговарало и за сите останати прашања.

„Така меѓутоа еве да дозволиме најпрво да помине лидерската средба затоа што извесно е дека уставни измени под надворешен диктат нема да има треба да се посвети внимание што ќе прави Македонија и што ќе прави државата после пропаста на уставните измени тоа е едно од прашањата кои се наметнуваат легитимно меѓутоа нека помине средбата и сите прашања ќе се одговорат и соодветно ќе бидат третирани“, рече Лефков.

Во однос на прашањето дали и со кои други барања и позиции ќе оди претседателот Христијан Мицкоски на лидерска средба истакна дека она што е важно е дека уставни измени под диктат нема да има и треба да се размислува на што после пропаста на уставните измени.

„Благодарам на прашањето веќе одговорив едно прашање во истиот овој контекст она што е важно еве ќе го повторам уште еднаш дека уставни измени под диктат нема да има, нека помине лидерската средба многу е важно да се посвети внимание што ќе се случува после пропаста на уставните измени затоа што државата не може да биде оставена така на цедило треба да се види што ќе се прави кој правец ќе се зазема така да нека помине лидерската срдба потоа ќе бидат опфатени сите други прашања“, нагласи Лефков.

 

Прес-конференција на Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ