Бизнис
10. April 2023 - 21:16

Од задутре замрзнатите цени на 11 овошја и зеленчуци повисоки за 5-20 денари

Дел од овошјето и зеленчукот ќе поскапат за 5, дел за 20 денари. Сител дознава дека Владата утре замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот ќе ги корегира и поскап производ од 100 денари нема да има. Цената на 3,4 продукти ќе се зголеми за 20 денари, на 2,3 за 5, а на останатите за 10 денари. Кој производ за колку поскапо ќе се продава – ќе се знае утре, но ако најбарани во моментов се доматите и краставиците, чија цена е замрзната на 70, односно 75 денари, со евентуалното зголемување од 20 денари, би се продавале за 90 и 95 денари. За пиперките неизвесно е колку ќе биде повисоката цена, но нема да биде поголема од 100 денари. Цените ќе се корегираат затоа што увозниците, кои со години доставувале лажни фактури до царина за да платат помал данок, конечно почнале да пријавуваат регуларни цени. Воедно со одлуката ќе им се излезе во пресрет и на домашните оранжерии. Ова следува откако Владата ги замрзна  цените, а трговците се жалеа дека цените се прениски и не им е исплатливо да продаваат по истите. Затоа на пазарите мерката не се почитуваше, а во дел од маркетите производите ги снема од рафтовите. Надлежните институции до сега направиле контроли кај 30 увозници и трговци на големо и мало, меѓу кои и Кванташки, каде утврдиле лажни фактури и огромни количини овошје и зеленечук скриени во магацините. Во еден од нив најдени се 300 тони грав, кои намерно не се пуштени во продажба. Сите ќе заработат казни, а Царина, Финансиската полиција и УЈП ќе проверуваат за колку милиони евра е оштетен буџетот со лажните фактори.

„Ова е организран начин како се влегува. Царинската управа, Управата за јавни приходи и пазарниот инспекторат конечно да се справат со еден ваков феномен и ако се увиди дека тој е присутен не само на Кванташки туку насекаде во земјава подолг период тогаш инситуциите може да се вратат назад со контролите онолку колку што е потребно. Ќе се гонат сите кои биле учесници во иситот криминал финансиксиот криминал не застарува“, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Минатата недела Владата ги замрзна цените на 11 видови овошје и зеленчук, но по два дена се премисли и најави дека утре ќе ги корегира затоа што прикажаните цени на увозниците не биле точни.