Македонија
10. April 2023 - 16:33

„Гласен текстилец“ предупредува дека измените во законот за работни односи веќе паднаа на Уставен

Гласен текстилец побара од пратенците во Парламентот да не гласаат за измените и дополнувањата на Законот за работни односи, кои се однесуваат на изградбата на Коридорите 8 и 10д. Власта повторно сака да издејствува работниците коишто ќе бидат ангажирани во изградбата да работат повеќе од 40 часа неделно, појасни Ампева.

- Повторно се обидува да врати прекувремена, да не речам, присилна работа кое што беше минатата година оспорено на Уставен суд од страна на Гласен текстилец. Веќе беше прогласено како неуставно, тоа воведување на прекувремена работа, изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец - Штип.

Дополнително ќе се бара и работа во недела, под изговор дека станува збор за проект од стратешки интерес за државата.

- Стратешки сметам дека е, ако како држава работиме за доброто на работниците, за чување и ценење на работничкиот труд, благосостојба, а не да се враќаме во некаков си феудализам и налагаме неуставни измени во Закон за еден таков скандалозен проект, додаде Ампева.

Ампева смета дека измени во Законот за работни односи треба да има, но тие да се однесуваат на заштита на бремените жени, поврзување на евиденцијата на работното време со институциите, ефикасна борба против сивата економија и неплатениот труд.