Приватните превозници најавуваат нови блокади ако не се реши нивниот проблем
Приватните автобуски превозници утрово се собраа пред седиштето на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ со барање за средба со директорот за решавање на нивниот проблем со долгот, со цел да можат повторно да почнат со работа, но беа одбиени со образложение дека тој не е присутен и е на друг состанок. Тие велат дека ќе побараат прием и кај скопската градоначалничка Данела Арсовска, како и кај премиерот Димитар Ковачевски, и доколку не бидат примени и од Градот Скопје и од Владата, тогаш како единствено излезно решение го гледаат протестот.
– Побаравме прием кај директорот, не известија дека му е пренесена пораката и дека директорот не е тука во моментот, отиден е на состанок. Оставивме наши податоци, се надеваме на средба, се надеваме на прием, да поразговараме за сите работи, за сите проблеми што не мачат, и се надеваме дека кончено ќе најдеме решение за оваа голгота што ја имаме ние приватните превозници, истакна во изјава за медиумите еден од превозниците, Јовица Зафировски.

Тој вели дека ако не бидат примени од директорот, ќе побараат прием повторно од градоначалничката Данела Арсовска, доколку градоначалничката не ги прими, ќе се обратат и до премиерот да биде медијатор на оваа ситуација, за да можат конечно да изнајдат решение, да бидат повторно сервис на граѓаните и повторно да ги активираат автобусите.
– Финансиски сме исцрпени, веќе не работиме три месеци, но сепак ќе ги сервисираме автобусите и ќе бидат во функција. Најпотребни ни се финансиските средства. Да го договориме начинот на исплата, да ни ги исплатат средствата, автобусите ќе ги активираме повторно, додаде Зафировски.
На прашањето што ќе направат доколку нема средба ни со директорот, ни со Град Скопје, ни со Владата, Зафировски одговори дека единствен излез како демократско право е протестот.
Додека во однос на ставот на градоначалничката Арсовска дека тие треба да бидат прашани зошто не се пријавиле на последните повици од Градот за приватни превозници, тој рече дека не можат да се пријават затоа што на тој оглас биле само два пакети на линии и биле само неколку линии и не можат да се поделат.
– Тука сме 135 фирми, ние 30 години сообраќаме на овие линии, значи мораме сите да бидеме активни, рече Зафировски.
Друг претставник на превозниците, Мемед Асани се надева дека овој преговарачки тим можеби подобро ќе ги води преговорите, но нагласи дека нема поделби меѓу нив.

– Ако не се случи ништо со дијалогот ќе излеземе на штрајк, но ние имаме ново координативно тело и сакаме да биде со дијалог. Тоа и го бараме од градоначалничката Арсовска, мислам дека таа е за народот и дека ќе не прими, изјави Асани.
Тој додаде дека тие не сакале да штрајкуваат уште оваа недела поради „доаѓањето на бугарските делегации на чествувањето на Гоце Делчев“, но истакна дека кога ќе помине тоа, доколку нема никаков исход во нивните обиди до тогаш, може да се очекуваат блокади.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември минатата кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.

Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември направија поголема блокада со поставување на околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“.
Блокадите беа тргнати на 13 декември со цел да се даде простор на дијалогот предложен од страна на премиерот Димитар Ковачевски кој истиот ден изјави дека нема да седне да преговара со нив се додека не ги тргнат блокадите. По отстранувањето на блокадите тие се уште не добија средба од страна на премиерот.
Ново на Сител
-

Турција, Пакистан и Саудиска Арабија формираат воено-политички механизми во рамките на новиот одбранбен пакт
-

13 лица повикани на информативен разговор поради ширење на лажни информации за водата во Скопје
-

Евакуации по морски пат од плажата во Сивири поради големиот пожар | ВИДЕО
-

Предметот против против Груби и уште седуммина за „Државна лотарија“ почнува на 24 август
-

Пожар на првиот крак на Халкидики – пораки од бројот 112 за евакуација на Сивири и Фурка
-

Нов топлотен бран во Европа: Над 340 милиони луѓе под влијание на температури над 30 степени
-

Вложуваме во заедницата кога е најпотребно: Flex Credit донираше 10 тони вода за вработените, клиентите и жителите на Гостивар
-

ЦУК: Девет активни пожари на отворен простор до 13 часот, два се под контрола, а два изгаснати
