Што ќе донесе влезот на Таравари во Владата?
По Таравари, и Ковачевски ја потврди можноста Алијанса на Албанците да влезе во Владата при што премиерот нагласи дека сега е времето за проширување на владината коалиција за да се забрзаат евроинтеграциите.
„Алијанса за Албанците има изразено политичка волја за европски концепт на државата. Дали ќе влезе во Владата, постојат шанси за тоа, исто како што кажаа и другите политички лидери...Меѓутоа, јас кажав уште пред три месеци, дека сите оние кои сакаат да се приклучат кон концептот за европска Македонија сега е времето тоа да го направиме бидејќи од нас зависи побрзото пристапување на државата во ЕУ“
Но, дали сигурно ќе се случи проширување на владината коалиција, Ковачевски вели дека тоа зависи дали ќе има политички договор со Таравари околу програмските цели, но и за кадровските места што би ги добила Алијанса.
Независно од овој процес, премиерот тврди дека мнозинството е стабилно,, дури и со превирањата во ДУИ со Огнената група што ги нарече внатрепартиска дискусија. Тој го поддржа и концептот за Алијанса за Европа на неговиот партнер Ахмети - за обединување на политичките партии кои се за европска Македонија меѓу кои ја вброја и Алијанса, а ги обвини Левица и ВМРО-ДППМНЕ дека работата против стратешките определби на граѓаните.
Но, токму на ваквата поделба на партиите про и контра ЕУ се спротивставува помалиот владин партнер Демократски сојуз и вели дека тоа е опасна теза што ја пласира премиерот. Павле Трајанов застанува изречно против влезот на Алијанса во Владата како спротивно на Уставот и Охридскиот договор за правична застапеност и смета дека тоа ќе предизвика меѓуетнички проблеми и револт кај Македонците.
Сепак, Трајанов не коментира дали ќе излезе од Владата доколу Таравари стане нов владин партнер. Неофицијално незадволство имало и кај останатите помали партии, па така соодносот на силите во парламентот не би се променил драстично по влезот на Алијанса.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, Таравари го нарекоа спаринг партнер на Ковачевски и Ахмети кој води политика со лажење.
Од опозициската партија се сомневаат и дека воопшто постоел меѓународен фактор што му сугерирал на Таравари.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар