Одложена посетата на Шоле и Ексобар
Шоле и Ексобар ја одложија посетата на Македонија. Информацијата за Сител ја потврди и американската амбасада од каде велат дека советникот и заменик помошникот државен секретар на САД во земјава ќе дојдат по нова година. Зошто е одложена посетата нема објаснување.
Најавата за посетата на американскиот тим дојде веднаш по информацијата на американската амбасада дека тим за санкции на САД веќе е во Македонија и работи на проширување на црната листа со корумпирани политичари, истакнувајќи ја намерата на стратешкиот партнер поактивно да се вклучи во борбата со корупцијата за која веќе ниту американските дипломати не користат дипломатски речник.
Борбата со корупцијата беше во фокусот и на средбата која шефот на дипломатијата Османи утрово ја имал со американската амбасадорка Агелер во владата.
Како што информира МНР, акцент се ставил на стратешкиот дијалог со САД а Османи на амбасадорката и го претставил акцискиот план кој што го подготвил.
„Соодветно на веќе утврдените приоритети, првата област на интензивирана соработка во рамките на Акцискиот план е владеењето на правото и борбата против корупцијата, со што ќе се зајакне соработката меѓу двете земји и поддршката од страна на САД во оваа област.“ изјавил Османи.
По алармот од Кале сите македонски функционери се понудија да соработуваат во борбата против корупцијата иако резултатите од таа борба, барем засега се сведуваат само на декларативна посветеност. Антикорупциска веќе се пожали дека џабе работи во последните 4 години бидејќи ниту еден од нивните предмети не добива судска завршница, а државниот јавен обвинител јавно се скара со вицепремиерката која треба да биде носител на борбата против корупцијата. Јавната прозивка на САД дојде во време кога на чуден начин се избра нов шеф на обвинителството за организиран криминал а член на партиско тело на СДСМ дојде да го води судскиот совет.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
