Македонија
18. November 2022 - 21:16

Македонците меѓу најбројната дијаспора во светот според бројот на жители

Со нешто повеќе од 600 илјади државјани кои живеат надвор, Македонија има една од најголемите дијаспори споредено со бројот на жители родени во земјава. Реално оваа бројка е уште поголема, бидејќи практично е неможно да се опфатат сите оние кои заминале, вели водечкиот статистичар во земјава.

Податоците за масовното иселување ни ги овозможи пописот спроведен лани во септември.

“И можеме да изведеме некои податоци за тоа кој е тука, кој не е тука, но проблем е што не знаеме каде се и кога заминале. Отприлика, евидентирани се 2 милиона 430 илјади државјани. Ако со пописот сме опфатиле милион 830 илјади, излегува дека скоро нешто повеќе од 600 илјади наши државјани се наоѓаат надвор. Но се разбира, немаме можност со пописот да ги опфатиме сите бидејќи нивното евидентирање беше на доброволна основа”

Според последниот попис во Македонија и глобалните податоци на Еуроактив, македонската дијаспора е во водечките 10 во светот, со околу 25 отсто граѓани родени во земјава, кои сега живеат надвор од Македонија.

Симовски прецизира и кои проблеми ги носи ваквиот податок.

“Секако, споредбено со бројот на жители, имаме голема дијаспора. Еден од нашите најголеми проблеми е емиграцијата, која покрај што јаде жива сила, влијае и на идниот наталитет, бидејќи во принцип се иселуваат млади луѓе кои со себе го носат и идниот демографски развој”

Во анализата објавена од Форбс, се наведува дека Балканот е еден од водечките регионите чии земји бележат најголеми дијаспори.

Така, процентуално со бројот на жители, втора најголема во светот е онаа на Босна и Херцеговина со 34 отсто отселени, а со масовно иселување е соочена и Албанија, која се наоѓа на третото место на листата со 30,7 проценти нејзини граѓани кои во моментов живеат во странство.

Водечка во светот во оваа категорија е карипската нација Гвајана.