Македонија
14. October 2022 - 16:35

Колку заштеди Владата за струја во септември?

Владата се уште не знае колку струја заштедила со мерките со кои од почетокот на минатиот месец ги задолжи институциите да ги намалат трошоците за 15%.

Најдоцна до 15 во тековниот месец, се обезбедуваат податоците за потрошувачката на електрична енергија. По обработка на истите и откако ќе бидат разгледани од Владата наредната недела ќе ја информираме јавноста – велат од Владата.

Иако сериозно штеди, колку заштедил во Секретаријатот за европски прашања не знае ниту владиниот потпретседател.

А на оној кој не е сериозен во штедењето и оптимизацијата на трошоците Владата ќе му се заблагодари за соработката, порача вчера премиерот Ковачевски. Веднаш потоа, Владата го разреши целиот менаџерски тим на Колска Велес а ново работно место од утрово си бара и директорот на ЕСМ продажба кој беше именуван пред само 45 дена.

Во планот на Владата е и обврската државните институции за 10% да ги скратат трошоците за плати и надоместоци. Иако премиерот вчера убедуваше дека тоа не значи дека вработените во јавниот сектор ќе земат помали плати синдикатите се уште стравуваат дека од идниот месец вработените во јавниот сектор ќе земат помали плати.

Жртва на скапата струја оваа година ќе биде и настапот на Македонија на изборот на Песна за евровизија. Земјава за прв пат нема да учествува на фестивалот откако МТВ реши со тие пари да ги сервисира зголемените сметки за струја.

„Ваквата одлука е во најдобар интерес на граѓаните, имајќи ги предвид зголемените трошоци поради енергетската криза коишто зафаќаат голем дел од буџетот на Јавниот сервис, како и зголемената котизација за самото учество на „Евросонг 2023“ којашто до минатата година изнесуваше 39.143 евра, а идната година се очекува да биде повисока“ – велат од МТВ.