Македонија
13. September 2022 - 16:34

Втор ден комисиска расправа за изборот на Јовески за уставен судија

Долги говори проследени со обвинувања на сметка на власта, ја одбележаа денешната седница за избор на Љубомир Јовески за уставен судија.

Пратениците од опозицијата не се согласуваат со предлогот на владејачките партии - актуелниот републички јавен обвинител да се пресели во Уставен.

Велат Јовески не заслужува да биде уставен судија, бидејќи со својата работа докажал дека е фигура во служба на политичарите на власт.

Пратениците од власта не се вклучија во расправата, па збор земаа само опозициските, кои ги засилуваа своите аргументи.

Обвинуваат дека Јовески ниту е ослободен од политички влијанија, ниту е способен да се справи со закани и притисоци, со што го крши основното начело на независност.

Филтерот во Комисија за изборите и именувањата досега го поминаа само предлозите на власта - Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер, додека поддршка не добија кандидатите Саво Климовски, Тодор Витларов, Бранко Секуловски, Воислав Димовски, Весна Јовановска и Родна Живковска.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот, со што судот се става на работ на потребниот кворум за функционирање.