Македонија
10. September 2022 - 16:46

Ќе заглави ли иницијативата за референдум во собраниските административни процедури?

Најрано во вторник собранискиот спикер Талат Џафери ќе може да ја прими Инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија иако од тој момент почнуваат да течат и деловничките рокови од кои ќе знае дали и кога би се собрале потребните граѓански потписи. Џафери, според информациите на неговиот кабиент, е на патување кое уште пред Инцијативата му било планирано и прв работен ден му е токму вторник.

Според Деловникот, Џафери, со цел да ја утврди уредноста на Инцијативата, штом ја добие веднаш треба да ја испрати до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем. Работните тела, согласно Деловникот во рок од два дена, пак, треба да дадат мислење дали предлогот е уреден.  

Ако документот е уреден, собранискиот спикер во рок од 3 дена за тоа треба да ја извести ВМРО-ДПМНЕ за да почне собирањето на 150 илјади потписи.

Ако документот според комисиите не е уреден тогаш Џафери е должен Инцијативата да ја стави на дневе ред на првата наредна седница и тогаш да се произнесе пленумот со заклучок.

Неофицијално, владејачки пратеници за Сител тврдат дека Инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ нема да го пројде собранискиот филтер. „Референдум се поизвесно е дека ќе нема“, велат тие.  Тврдат дека Инцијативата е неуредна затоа тоа што таа е насловена „до претседателот на Собранието“, со што е избегнато користењето на уставното име на државата, односно не се наведува дека се работи за претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Иако официјално не ја откриваат позицијата околу референдумот, велат потегот на опозцијата е деструктивен.

 „ И додека СДСМ презема мерки во интерес на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски по секоја цена продолжуваат со блокадите. Наместо конструктивност ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со барањата за избори, за референдум се обидуваат да го попречат нормалното функционирање на институциите, на штета на домашната економија, на штета на граѓаните. Нивното такво деструктивно однесување одново ќе биде поразено.“ изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера тврдеа дека внимавале посебно на уредноста на Инцијативата. Во нејзе го користат старото државно име Република Македонија само кога го спомнуваат Договорот за добрососедство бидејќи тоа е дел од името на самиот документ.

Според нив, ваквите толкувања на власта, се всушност одбегнување на премиерот Ковачевски и шефот на државата Пендаровски да се соочат со мислењето на граѓаните, од кои дури 60 отсто, според опозицијата, се против договорот со Софија.

 „Тезите на антимакедонската СДС дека народот ги поддржува и е согласен со Договорот со Бугарија се лага. Доказ за тоа е и бегањето од понудата за тројни избори, за и заедно со Референдумот, да се организираат и предвремени парламентарни и претседателски избори, се на еден трошок на државата да се завршат сите три важни операции. Од власта немаат одговор затоа што не им одговараат избори и знаат дека ќе изгубат. Се што прави Ковачевски и антимакедонската СДС е злоупотребата на 61 глас во Собрание на луѓе слепи послушници за да се одржуваат на власт“. изјави Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ