Македонија
30. August 2022 - 8:24

Потпишување амандман на Договорот за грант за партнерство за развој со САД

 Во Министерството за финансии денеска ќе биде потпишан амандман на Договорот за грант за партнерство за развој помеѓу САД и Република Северна Македонија. Амандманот ќе го потпишат министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на УСАИД во РС Македонија Џери Дајбл, а ќе присуствува и амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз.

Петгодишниот Договор, потпишан во мај  лани, предвидува поддршка за постигнување три развојни цели: за зајакната економска конкурентност, зголемен придонес на младите во општеството и намалена корупција.

Според Договорот, за зајакната економска конкурентност, предвидено е Владата на САД да соработува со приватниот сектор за стимулирање на економската конкурентност и изнаоѓање иновативни решенија за поттикнување на регионалната интеграција.

Предвидени се и активности за  поддршка на енергетскиот сектор на Северна Македонија, со цел да се подобри безбедноста, сигурноста и самостојноста на енергетскиот систем преку правна и пазарно ориентирана реформа и пристап до западни инвестиции и технологија. Исто така, и зголемен придонес на младите во општеството преку активности насочени кон поддршка на економските можности привлечни за младите, како и активности што ќе ги поддржат владините институции, приватниот сектор, граѓанското општество и граѓаните во борбата против корупцијата.