Македонија
8. јуни 2022 - 16:34

Стевчо Јакимовски ја раскина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во Карпош

Стевчо Јакимовски си заминува од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Актуелниот градоначалник на Карпош вели дека на ваков чекор се решил за да ги спречи наводните обиди за рекет и уцени кои ВМРО-ДПМНЕ ги вршеле во неговата општина.

- ВМРО-ДПМНЕ не е пријател на градежната мафија, вратија од опозициската партија. Заложбите на Јакимовски за бетонизација на Карпош не е она што ВМРО-ДПМНЕ им го вети на граѓаните на избори, велат советниците на најголемата опозициска партија во оваа скопска општина.

Заминувањето на Јакимовски од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ нема да смени многу на централно ниво. Единствениот пратеник кој Јакимовски го има во Собранието, Љупчо Пренџов, за Сител вели дека останува во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Додава дека со партијата има перфектна соработка и дека се на добар пат да ја срушат актуелната власт.

Стевчо Јакимовски има богато досие кога станува збор за политичките трансфери. Беше министер од редовите на ЛДП за во 2009 година да премине во СДСМ. На локалните избори во 2013 ја напушти оваа партија и се кандидираше за градоначалник со печатот на српската партија на Драгиша Милетиќ по што ја оформи партијата ГРОМ.