Македонија
7. јуни 2022 - 16:39

Лавина коментари по приведувањето на Ламбе Алабаковски

Модерниот гемиџија. Алал да ти е мајчиното млеко што си го цицал. Има Битола Јунаци. Власта ќе те казни, ние ќе те наградиме. Вријат социјалните мрежи по информацијата дека пејачот Ламбе Алабаковски го запалил бугарскиот културен клуб во Битола.

Делото на Ламбе е крик, негов, а и на многумина за ова што ни се случува последниве години. Негирање од странство и дома, ништење на сѐ што е македонско, бришење и менување на историјата, терање на јавниот дискурс кон тоа да кажеш дека си Македонец е срамота, поголеми порази што ги имаме во мир отколку во војни и ропство. Дали една искра е доволна за оган останува да видиме. А времето полека нѐ гази, немаме многу за гледање и молчење. – напиша колумнистот Божидар Божиновски на социјалните мрежи и порача дека ако му биде одреден притвор, би учествувал на протести во негова поддршка.

Ако е вистина ова денес, тогаш господинот Ламбе Алабаковски има направено повеќе во одбрана на македонските национални интереси отколку ДПМНЕ и СДСМ заедно во овие 30 години, пишува друг корисник на социјалните мрежи.

Оперскиот пејач Игор Дурловски пак порача дека Ламбе не се брани на социјалните мрежи туку на улиците, алудирајќи на протести.

Во налетот на поддршка за Алабаковски, двајца познати адвокати од Скопје веќе се понудија бесплатно да го застапуваат пред судот.

Финансиска помош во целиот процес најави и Левица, единствената партија која до овој момент изрази поддршка за пејачот.

Во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Аламбаковски. Секоја друга пресуда, освен ослободителна, ќе претставува анти-државнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ!

Од тие причини, Левица ќе стапи во контакт со адвокатите кои ќе го застапуваат Аламбаковски и ќе се понуди да ги покрие трошоците на одбраната – велат од Левица.

Битолчани не можат да веруваат дека пејачот стои зад пожарот во бугарскиот клуб.

Помалку од половина час по објавата на информацијата дека Ламбе стои зад пожарот во Битола, измени претрпе и неговата биографија на википедија во која се додадени информациите за денешното апсење.