Македонија
20. April 2022 - 16:35

Фридом Хаус: Македонија останува хибриден режим

Македонија останува хибриден режим. Во новиот извештај на Фридом Хаус земјава е оценета со средна оценка 3,82, идентична како и минатата година.

Во споредба со годините претходно, Македонија и натаму останува оценета со оценка помала од 4, проблем кој не следи од 2015 година до денеска.

Најдобро оценети се невладиниот сектор, изборниот процес  и општините кои имаат оценка над просекот. Најслаба оценка има судството а надолу не влече и корупцијата.

Во регионот подобри од нас се Хрватска и Словенија а иста оценка има Црна Гора. Од земјите од поранешна Југославија најдобра оценка има Словенија но и таа како и сите земји од ценрална Европа имаат помали оценки за демократијата во однос на минатата година.

Од Владата велат дека се задоволни со напредокот во одделни сегменти и дека работат на подобрување на сликата за македонската демократија.

Извештајот опфаќа 28 посткомунистички држави од Централна и Источна Европа и поранешниот Советски сојуз. Само 6 од овие земји се сметаат за консолидирани демократии, 4 се полуконсолидирани демократии, 8 се авторитарни режими и 11  како и Македонија се водат како хибридни режими.

„Иако овие режими комбинираат елементи од демократско и авторитарно владеење, тие се аналитички различни од двете категории. Тие можеби се демократски на минимален начин преку тоа што имаат редовни, повеќепартиски избори, но нивните дисфункционални институции не успеваат да ги остварат основните компоненти на либералната демократија – механизмите на контрола на власта, владеењето на правото и силната заштита на правата и слободите на сите“ – се вели во извештајот.

Највисока оценка 6 има Естонија, а најлош е Туркменистан кој има единица за демократија.