Македонија
6. April 2022 - 19:54

Штипската клиничка болница треба да плати пет пати повисока сметка за струја во споредба со лани

Пет пати повисока сметка за потрошена електрична енергија во споредба со истиот период лани, треба да плати штипската Клиничка болница. 

Февруарската сметка за струја во 2021 година изнесувала 700.000 денари, а за истиот месец годинава, ЕВН испорача фактура во висина од 4 милиони денари. Од Клиничка очекуваат приближно ист износ и за месец март. 

-За среќа, од 1 април го завршивме тендерот и веќе сме кај нов добавувач кој е избран на тендер и се надевам дека априлската сметка ќе биде во понормални граници, така што сметам дека ќе добиеме само 2 високи сметки и ќе успееме на некој начин да се справиме со проблемите кои ги прават високите сметки за струја, изјави Ален Георгијев, директор на Клиничка болница - Штип. 

Георгијев уверува дека екстра трошокот нема да го поремети планот за јавни набавки на поребната медицинска опрема донесен во јануари, за што говори и набавката на новото амбулантно возило во вредност од 2 милиони денари, кое болницата го купи со сопствени средства.

-Со ова возило и останатите 4, кои ги набавивме по пат на донација, сериозно ги зголемивме перфомансите на возниот парк на нашата болница, додаде Георгијев.

Амбулантните возила особено добија на значење во време на Ковид пандемијата, поради зголемената мобилност на пациентите.