Директорите на царините на Северна Македонија, Грција, Србија на средба за зелените коридори
Зелените коридори наскоро би можеле да станат реалност на граничните премини меѓу членките на ЦЕФТА и ЕУ, порачаа претставниците на царинските управи на Северна Македонија, Грција и на Србија по денешната средба на ГП Табановце, на иницијатива на Транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА.
Славица Кутиров, директорка на Царинската управа на Република Северна Македонија, Константинос Муртидис, генерален директор на грчката Царинска и акцизна управа и в.д. заменик-директорот на српската Царинска управа Душко Маринковиќ, разговарале за потенцијалот на Систематската електронска размена на податоци (SEED) која функционира во Западен Балкан, како клучен систем за спроевдување на зелените коридори.
Царинската управа во соопштение информира дека SEED и SEED + во пракса подразбираат значително пократко време на чекање на граничните премини, поедноставни проверки, намалени официјални процедури и помали трошоци. Овој состанок, пренесуваат, им овозможи на претставниците на трите царински управи да добијат увид во функционалноста, одржувањето и другите технички прашања поврзани со функционирањето на системот SEED, како и неговиот потенцијал да послужи како клучен елемент за поддршка во одредувањето приоритети на одредени стоки на граничните премини меѓу Грција и нејзините ЦЕФТА партнери.
-Жителите на Западен Балкан предолго чекаат на границите, особено на границите со ЕУ. Продолжуваме да ги поддржуваме регионалните партнери во нивните напори за проширување на концептот на Зелени коридори до Грција и другите земји-членки на ЕУ. Воспоставувањето на функционален Зелен коридор на граничниот премин Табановце-Прешево го скрати времето на чекање и го забрза извозот, увозот и транзитот на стоки. Северна Македонија и Србија се првите регионални партнери од Западен Балкан кои воспоставија заеднички гранични контроли и обезбедија заеднички гранични и царински формалности. Доколку се примени на границите со земјите-членки на ЕУ, овој концепт ќе биде подеднакво успешен, оценил Матеј Закоњшек, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница.
Директорката Кутиров, пак, потенцирала дека брзиот проток на стоки е приоритет на Царинската управа на Северна Македонија, како најдобро средство за зајакнување на трговијата и подобрување на соработката меѓу членките на ЦЕФТА.
-Северна Македонија, Грција и Србија се соседни земји кои покриваат поголем дел од Коридорот 10. Зелените коридори се покажаа како одличен начин за подобрување на движењето на стоки меѓу Србија и Северна Македонија, а SEED послужил како одлична алатка за споделување на информациите меѓу царинските управи и останатите агенции. Нашата желба е да ги прошириме овие коридори кон Грција и на тој начин да ја унапредиме одличната соработка, рекла Кутиров.
Во соопштението се истакнува дека учеството на Грција е од огромна важност бидејќи претставува огромен чекор напред во заедничките напори и визијата за унапредување на транспортот и трговијата меѓу Грција и членките на ЦЕФТА договорот. Се очекува оваа средба да доведе до подинамична соработка за воспоставување на зелените коридори, што би донело економски придобивки како за ЕУ, така и за ЦЕФТА.
Константинос Муртидис, генерален директор на Царинската управа при Независната канцеларија за јавни приходи на Грција, на средбата ја нагласил конструктивната соработка на сите вклучени страни во иницијативата Зелени коридори. – Особено пилот-имплементацијата на граничниот премин Евзони-Богородица е важна и подобрена форма на соработка меѓу двете царински управи (Грција и Северна Македонија). Размената на податоци меѓу царинските служби за движењето на стоките пред пристигнувањето на границата, заедно со потребната инфраструктура, е суштински елемент на оваа иницијатива за да се овозможи побрзо движење на клучните стоки за поширокиот ЦЕФТA регион и соседните земји-членки на ЕУ, се вели во соопштението.
За директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, пак, СЕЕД + е еден од главните приоритети на ЦЕФТА, кој покрај размената на податоци меѓу царинските управи, ќе ги вклучи и сите агенции кои се занимаваат со царинење на стоки, а се планира да се прошири и на трговијата со услуги. Освен тоа, како што посочил, ќе има позитивно влијание врз трговските текови, како што е предвидено во Акцискиот план за Заеднички регионален пазар. – Средбата со Константинос Муртидис и претставниците на грчката Царинска управа е важен чекор за приближување на членките на ЦЕФТА кон ЕУ и ширење на добри практики, како што се Зелените коридори/ ленти, не само во рамките на ЦЕФТА,каде од почетокот на пандемијата приближно два милиони камиони ја имаат искористено оваа иницијатива, туку и на граничните премини кон ЕУ, посочил Џикиќ.
Според в.д.заменик-директорот на српската Царинска управа, Душко Маринковиќ, концептот на Зелени коридори со користење на системот SEED меѓу членките на ЦЕФТА е одлична иницијатива бидејќи придонесува за забрзување на процедурите и олеснување на движењето на стоките. Токму затоа, посочил, Царинската управа на Србија ја поддржува можноста за подобрување на овој концепт, како и негово проширување во земјите членки на ЕУ, со што уште подобро би се поврзале економиите во овој дел од Европа.
SEED претставува подобрено управување со граничните премини во Западен Балкан, а во функција е пуштен од 2010 година. Надградениот SEED +, дополнително ја подобрува ефикасноста и ги поедноставува процедурите. Ја има клучната улога во спроведувањето на иницијативата – Зелени коридори/ленти.
Ново на Сител
-
Уапсен 65 годишен струмичанец, поради пронајдена дрога
-
Неверојатниот Кејн собори рекорд во Бундеслигата
-
Приватните превозници од понеделник се вклучуваат во сообраќај, но не со целиот капацитет
-
Финализиран проектот за обука за финансиски истраги, поддржан од Владата на Обединетото Кралство
-
Приведен косовец, пронајдени седум мигранти на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка
-
Претрес во Велес, пронајдена дрога
-
Автомобил „форд“ излетал од патот Ресен - Битола, тешко повреден 68 годишен битолчанец
-
Уапсен 44 годишен тетовец, кај него пронајдена дрога