Македонија
16. February 2022 - 12:25

Кочани на протест: Локална фабрика 2 години им го загадува воздухот

Кочанчани повторно на протест пред фабриката за хартија „Пејпер мил“. Причина е, како што велат, енормната загаденост на воздухот од фабричкиот оџак. Фабиката има А-лиценца за работа, што значи дека печката мора да работи на метан, но граѓаните сметаат дека се изиграни.

Како резултат на последниот протест, наместо да биде испочитувана вољата на граѓаните и да им биде изречена забрана да вршат дејност доколку не користат метан, констатирани беа повреди и им беше изречена прекршочна казна. Таа прекршочна казна практично подразбира дека тие 180 дена не можат по истиот основ да бидат казнети и испадна дека во суштина со казната си го откупија нашето право да дишеме чист воздух, изјави Жаклина Филипова, иницијатива „За чист воздух“ - Кочани.

Граѓаните велат дека нивната агонија трае веќе 2 и пол години и во тој период ги поминале сите надлежни институции, кои само си ја префлуваат одговорноста едни на други, а досега решение за проблемот нема. 

Смрди и тоа неподносливо. Живеам на 200 метри од фабриката, наутро црн чад излегува и по 50 – 100 метри нагоре. Значи, тоа е нешто страшно за гледање, меѓутоа надлежните колку имаат слух за тоа, не знам, изјави Симеон Данев, жител на Кочани.

Лани инспекциските служби покрај изречената казна од 20.000 евра, на раководството на фабриката му наложија да постави филтер на фабричкиот оџак.

Не знам дали тој филтер воопшто функционира, кога претходната недела во Кочани не се дишеше, изјави Дејан Герасимов, жител на Кочани.

За да конечно се реши проблемот со аерозагадувањето, жителите најавија дека секојдневно ќе одржуваат двочасовни протести пред влезот на фабриката.